Општината во реакцијата наведува дека Арсовска „нема да ги покрие со политички мотивирани прес-конференции катастрофалното работење на јавните претпријатија, нехигиената, неуредените зелени површини“
„Политички мотивирана“ е денешната прес-конференција на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се вели во демантот испратен од Општина Ѓорче Петров, а кој се однесува на информациите дека општината депонирала отпад нелегално и дека создавала диви депонии.
Во дописот до медиумите, Општината реагираше откако Арсовска соопшти за еколошка катастрофа со истурање опасен отпад на приватна депонија во Ѓорче Петров каде што најчесто, како што рече, клиент била самата општина.
„Општина Ѓорче Петров никогаш не депонирала отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии. Напротив, Oпштината го чисти таквото ѓубре. За тоа дека ја говориме вистината, градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на ЈП ’Комунална хигиена’ во Карпош, каде јасно ќе види дека општинските служби таму одлагале кабаст отпад. Големиот помпезен случај на Арсовска се решава за пет минути и еден телефонски разговор со нејзиниот директор на ова јавно претпријатие“,
се вели во реакцијата од Општината.
Оттаму велат дека ја разбираат потребата и жедта за политички пресметки и кавги на градоначалничката и намерата преку тоа да дојде до израз бидејќи, како што велат, со работа и проекти тешко, но мора да потенцираме дека и оваа нејзина помпезна прес-конференција е промашена, се додава во реакцијата од Кабинетот на градоначалникот на Ѓорче Петров.
Општината во реакцијата наведува дека Арсовска „нема да ги покрие со политички мотивирани прес-конференции катастрофалното работење на јавните претпријатија, нехигиената, неуредените зелени површини“.
„Добро ќе биде наместо водење висока политика и кажувањето ловечки приказни, градоначалничката да се погрижи за акутните проблеми на градот, па на следната прес-конференција да се пофали со некој изграден булевар, почист воздух или, пак, решение за чекањето по повеќе часови автобуски превоз, кој, секако, согласно нејзините заложби, треба да биде бесплатен“,
пишува во реакцијата на Општина Ѓорче Петров.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска информира дека Градот заедно со инспекторите за животна средина спречиле екоцид кој се случувал на територијата на општина Ѓорче Петров. Одговорноста за случајот таа го лоцираше кај фирма на вработен во Општина Ѓорче Петров, која на локација во близина на реката Лепенец водела нелегален бизнис со депонирање опасен отпад, а сомнежите, според градоначалничката, се дека нејзин најголем клиент била токму Општината.
Еколошка катастрофа, како што ја нарече Арсовска, според информациите кои таа ги изнесе пред јавноста, е детектирана на приватен имот во општината од 4 000 квадратни метри, како и на државен имот со површина од околу 5 000 квадратни метри. На оваа локација, како што рече таа, се истурал опасен канцероген отпад во непосредна близина на реката Лепенец, а дел завршувал и во самата река.
Таа информира дека Градот Скопје во врска со случајот поднел кривични пријави до МВР против, како што кажа, лицата кои правеле бизнис со кој се загрозува здравјето на граѓаните. Посебна кривична пријава, Арсовска најави дека ќе биде поднесена и против градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, кого го повика да си поднесе оставка од функцијата