Од Општина Чаир велат дека во моментот се инсталираат надзорни камери, а просторот ќе биде регулиран паркинг со симболична цена за околните жители
Градежна механизација вчера ненајавено ги разбудила граѓаните кои живеат веднаш зад Трговскиот центар „Мавровка“ во скопски Чаир.
Станува збор за потег меѓу улицата „190“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“, каде што Општината планира да прави зонски паркинг, но претходно не ги известила околните станари.
Во недостиг на информации од локалната власт, жителите стравуваат дека некој ќе го узурпира местото откако претходно подолу во соседството се случи скандал со обидот за поставување див паркинг во кругот на поликлиниката „Бит пазар“.
„Кај нас одеднаш се појавија багери пред зградите, без никој воопшто да нѐ информира. Кога ги прашавме работниците, тие кажаа дека копаат за поставување камери за паркинг. Како ќе се поставуваат камерите, кои делови ќе се снимаат, за каков паркинг се работи, кој ќе го управува, зошто никој не побарал согласност од нас? Никаква транспарентност нема од Општината“,
вели жителка за „360 степени“.
„Ние им кажавме дека нема да дозволиме и тоа малку зеленило што е останато да се сече. Ќе регулираат паркинг во реон каде што врие од дивоградби, има секакви диви приклучоци, ништо не е средено. Ќе одиме на состанок наредната недела во Општината, па се надеваме дека ќе добиеме одговори на сите прашања. Ние сме за да има ред, но навистина треба поголема транспарентност од Општината“,
рече друга жителка.







Од Општина Чаир велат дека во моментот се инсталираат надзорни камери, а просторот ќе биде регулиран паркинг со симболична цена за околните жители.
„На горенаведената улица се спроведува инсталација на паметни камери, односно тој простор ќе се користи како регулирана паркинг зона, под управување на Општина Чаир. Паметните камери, можат да детектираат кои возила немаат испратено порака за паркирање, додека сумата за жителите кои живеат во таа околина ќе биде симболична“,
велат од Општина Чаир.
Жителите од околните станари велат дека в понеделник ќе одат во Општина Чаир за лично да бараат отчет од локалната власт.