„Арачиново не е веќе ‘црна овца’, туку денес добиваме пофалби и веќе се мериме со многу поголеми и финансиски посилни општини од нас. Нашето домаќинско работење денес ги бележи првите позитивни резултати благодарение на помошта и соработката со многубројни меѓународни организации, а особено со УСАИД која во секој момент покажува подготвеност да ни помогне“, рекол градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими, на настан организиран од УСАИД
Општина Арачиново годинава успеала да наплати над шест милиони денари (околу 100 000 евра) врз основа на локални даноци, што е раст од над 400 проценти во споредба со 2020 година, соопшти градоначалникот на општината, Ридван Ибраими, на настан организиран од УСАИД.
„Општина Арачиново од вкупно 2 675 регистрирани домаќинства успеа да инкасира над шест милиони денари врз основа на локални даноци, што во споредба со 2020 година е раст од 422 отсто“,
велат од Општината.
Претставникот на УСАИД, Бардил Марку, во однос на соработката и резултатите за Општина Арачиново рекол дека е успешна приказна и посочил дека во делот на фискалната транспарентност Арачиново е општина со најголем раст во 2023 година.
„Арачиново не е веќе ‘црна овца’, туку денес добиваме пофалби и веќе се мериме со многу поголеми и финансиски посилни општини од нас. Нашето домаќинско работење денес ги бележи првите позитивни резултати благодарение на помошта и соработката со многубројни меѓународни организации, а особено со УСАИД која во секој момент покажува подготвеност да ни помогне“,
рекол градоначалникот на Арачиново, Ибраими, настанот во рамките на проектот на УСАИД за зајакнување на на капацитетите за искористување на ресурсите насловен: „Како до поефикасно администрирање на локалните даноци“.
Во презентацијата на резултатите се наведува дека со помош на Проектот, вработените во Општината биле обучени како да спроведат теренско ажурирање на недвижниот имот во Општината, бил направен регистар на недвижен имот како основа за утврдување на данокот на имот, а основан е и Сектор за даноци со раководител.
„Отпочнавме со издавање решенија за данок на имот за 2021, 2022 и 2023 година. Паралелно ја следевме наплатата на даночните побарувања“,
се наведува во презентацијата.
Така, според презентацијата, од регистрирани 2 675 даночни обврзници, 1 256 веќе го платиле данокот и остварен е приход од 6 032 049 денари.
Покрај тоа, како што се наведува, има унапредување на даночната транспарентност, која во 2021/2022 година изнесувала 8 отсто, а во 2022/2023 21 отсто.
Унапредување има и во буџетската транспарентност која во 2021/2022 година била 7, а во 2022/2023 година изнесува 12, на скала од 1 до 16.
Во презентацијата се посочува и на значителното зголемување на приходите од данокот на имот кои во 2022 година биле за 245 отсто, а во 2023 за 422 отсто поголеми во споредба со 2020 и 2021 година.
Со ова, учеството на даноците на имот во сопствените приходи на Општината бележат пораст. Тие во во 2021 година изнесувале 9 отсто, за во 2022 г. да се искачат на 47 отсто, а заклучно со септември оваа година до 62 отсто.