Покрај овие, службениците на Царинската управа минатата недела спречиле повеќе обиди за шверц на разни производи при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Тетово
Компјутерска опрема за „рударење“ криптовалути, суплементи, парфеми со потписи на познати модни брендови и облека заплениле царинските службеници и мобилните тимови минатата недела на повеќе гранични премини во државата.
Специјализираната компјутерска опрема за „копање“ криптовалути, како што соопштија утрово од Царинската управа, била запленета на граничниот премин „Блаце“ по извршена контрола на автомобил бил пријавен за влез во земјава.
На граничниот премин „Табановце“, Службата за мобилни скенери во кабина на камион што го управувал македонски државјанин пронашла и спречила обид за шверц на 8,29 килограми суплементи „јунисити баланс“ (Unicity Balance), спакувани во 19 кутии од по 60 кесички и во вредност од 228 000 денари (околу 3 700 евра).
Вкупно 173 парфеми со потпис на познатите трговски марки „Том Форд“, „Версаче“, „Армани“, а други, пак, биле пронајдени картонски кутии сместени на горниот кревет во кабината на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин „Дојран“ .
Царинските службеници на истиот граничен премин спречиле и обид за шверц на ладилник за товарно возило, кој бил откриен во просторот за палети на камион со бугарски регистарски таблички што го управувал македонски државјанин.
Дополнително, на граничниот премин „Табановце“, мобилен тим на Царината при контрола на автобус открил 26 белгиски канаринци и четири вреќи со храна за птици, кои нелегално, без соодветни дозволи и документи македонски државјанин кој патувал со автобусот се обидел да ги внесе во државата.
Службениците на Царинската управа минатата недела спречиле повеќе обиди за шверц на разни производи при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Тетово.
Заплена на непријавен стока, исто така, имало и на граничните премини „Меџитлија“ и „Богородица“ на македонско-грчката граница, каде што, меѓу другото, цариниците спречиле обид за шверц на машина, водоводни цевки и цигари.