Заради доследно информирање на јавноста и сузбивање на сите шпекулации и недоразбирања, сметаме дека е потребно да нагласиме дека според сите досега доставени факти и податоци, конкретниот настан не се случил во контролната кула, односно просторијата од каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата, се вели во соопштението кое попладнево беше испратено од судот

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен куќен притвор на Беким Незири, вработен во М-НАВ и актуелен претседател на огранокот на ДУИ во Чаир, и на уште три други лица, а кои се поврзани со минатонеделниот упад во Македонската навигација (М-НАВ).
Освен куќниот притвор, за овие четири лица, кривичниот совет при Основниот кривичен суд, определи и дополнителни мерки на претпазливост, односно привремено одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, како и забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти или врски меѓу осомничените и со оштетениот.
Од Кривичниот совет при Основниот кривичен суд велат дека одлуката е донесена врз основа на приложените факти и докази во жалбата на обвинителот и одговорите на жалбата од страна на одбраната, а имајќи ги и предвид наводите во решенијата од претходна постапка.
Од Кривичниот суд информираат дека заради доследно информирање на јавноста и сузбивање на сите шпекулации и недоразбирања, сметаат дека е потребно да нагласат дека според сите досега доставени факти и податоци, конкретниот настан не се случил во контролната кула, односно просторијата од каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата.
„Но, како што нагласивме во претходното соопштение, факт е дека осомничените презеле одредени дејствија кои е потребно дополнително да се истражат за да се утврди фактичката сосотојба. Заради сето тоа, Советот донесе решенија за определување мерки со кои ќе обезбеди дополнителна гаранција за понатамошната достапност на овие четворица осомничени“,
се вели во соопштението кое попладнево беше испратено од судот.
Оттаму додаваат дека надзорот над куќниот притвор, согласно решенијата е во надлежност на МВР, а против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата.
Беким Незири од ДУИ, кој е еден од осумтемина осомничени за насилниот упад во М-НАВ кој се случи пред точно една недела, утринава беше во Кривичниот суд.
За разлика од минатиот пат, кога беше донесен со полициска придружба и лисици на рацете, овој пат Незири пристигна слободно во Судот, во придружба на својот адвокат Еленко Миланов.
Адвокатот Миланов рече дека Незири, кој е еден од осомничените, не учествувал во инцидентот во Македонската навигација, дека немал апсолутно никаков придонес во случајот и дека целиот настан се случил зад неговиот грб.
Во изјавата од пред Кривичниот суд, Миланов кажа дека не е точно оти инцидентот се случил во контролната кула во М-НАВ, ниту дека биле нападнати контролори кои во моментот извршувале работни задачи.
Кривичниот совет денеска одлучуваше по жалбата која Скопското обвинителство ја поднесе во врска со одлуката на Судот да не го прифати барањето за притвор за осомничените во врска со упадот и насилството во М-НАВ.
Жалбата на Обвинителството следуваше откако судија на претходна постапка им определи мерки за претпазливост, а не притвор, како што бараше ОЈО Скопје, на четворицата осомничени за упадот во М-НАВ, меѓу кои е и Беким Незири, ексминистер и актуелен претседател на чаирскиот огранок на ДУИ.