„Ги повикуваме Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби да изберат нотар и тајминг каде што ќе се потпишеме на изјави дека кој изгуби нема право да се занимава никогаш повеќе со политика“, порачаа од коалицијата на опозициските партии на Албанците
Коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците ја прифати понудата што денеска ја изнесе министерот Крешник Бектеши од редовите на ДУИ – губитниците на претстојните избори да се повлечат од политиката.

„Ги повикуваме Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби да изберат нотар и тајминг каде што ќе се потпишеме на изјави дека кој изгуби нема право да се занимава никогаш повеќе со политика“,
велат од коалицијата „Вреди“.
Оттаму оценуваат дека на изборите на 24 април и 8 мај Албанците во земјава ќе гласаат за политичка пензија на Ахмети, Османи и Груби и нивните соработници.
„Ваквите блеферски обиди на исплашеното раководство на ДУИ да го сокријат стравот од промените кои ќе се случат, не поминуваат никаде, бидејќи ништо повеќе не зависи од нив. Меѓутоа, ‘Вреди’ нема да дозволи ни најмал простор за сеење магла“,
додаваат од опозициската коалиција на Албанците.
Реакцијата на опозициските партии на Албанците следува откако претходно денеска министерот за економија Крешник Бектеши, кадар на ДУИ, даде предлог политичките партии да се договорат оние што ќе бидат поразени на претстојните избори да се повлечат од политиката.
Во однос на предлогот на Бектеши партиите што ќе ги изгубат изборите повеќе да не се занимаваат со политика, денеска за коментар беше прашан доскорешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски:
„Тоа е исто како да кажете дека ако фудбалски тим изгуби натпревар тогаш сите фудбалери и тренери повеќе никогаш да не се занимаваат со фудбал.“