ВМРО-ДПМНЕ обвинува за случај на висока корупција поврзан со тендер за ископ на јаглен во РЕК „Битола“ кој бил пријавен во МВР, но за кој сѐ уште не се преземени какви било мерки
Според опозициската партија, приказната почнува во 2018 година, кога на сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која имала добиено тендер за ископ на јаглен, им пристапил директорот на РЕК, Васко Ковачевски, барајќи од нив да се откажат од тендерот за сметка на фирмата „СВ инвест“. Откако ова барање било одбиено, зашто, како што објасниле од „Рубитон“, тоа правно било неизводливо, Ковачевски, како што денеска брифираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, понудил друга опција – да платат 250 000 евра, во кеш, за да можат да продолжат непречено да ја извршуваат работата според договор утврден со добиениот тендер. Ако сопствениците на „Рубитон“ не сакале нему да му ја дадат сумата, тогаш предложил парите да ги однесат во Струмица кај лицето Вице Н.
Ова стои и во документите што ги презентираше Христијан Мицкоски, за кои тој тврди дека се добиени од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ).
факсимил од известувањето на БЈБ до Обвинителството што го презентираше ВМРО-ДПМНЕ
Средба со Вице Н. била закажана, но не се одржала. На враќање кон Битола, како што стои во полициските белешки, сопствениците на „Рубитон“ добиле вибер-повик од Вице Н. кој им посочил дека друг човек, извесен Горан Крстев, ќе ја заврши работата во негово име. Парите не биле дадени, а до газдите на „Рубитон“ стигнале вибер-пораки од Вице Н. во кои се вели: „Ќе си ја тераш твојата работа, ние нашата, па ќе видиме до каде ќе стигне“. Оттогаш, како што се наведува во денеска презентираните документи, почнале проблемите на „Рубитон“ во РЕК „Битола“ – што на крај довело до раскинување на договорот и штета од околу половина милион евра.
Случајот бил пријавен во БЈБ и било составено известување кое на 27 февруари 2020 година, во времето на техничката влада во која партиципира и ВМРО-ДПМНЕ, е пратено до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Но, како што велат од опозициската партија, и тука се јавува сериозен проблем – постојат две верзии на известувањето. Во првата стоел делот со Вице Н., додека во втората Вице Н. бил изоставен.

Ова, според Христијан Мицкоски, било направено по интервенција на тогаш вториот човек во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Лазе Велковски. Мицкоски немаше јасен одговор како вакво нешто се случило зашто надреден на Велковски во тој период, поради техничката влада, е Александар Јанев, кој е предложен токму од ВМРО-ДПМНЕ. Јанев е началник на Одделот, а Велковски дополнителен заменик-началник.
По предметот, иако пријавен пред повеќе од една година, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сѐ уште не постапило.