ВМРО- ДПМНЕ денеска обвини дека директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу на местото негов помошник назначил лице кое досега било истражувач на НВО „Некус“, организација која според опозицијата е регистрана на домашната адреса на Муслиу.
„Еве едно прашање до Пендаровски, дали претседател на оваа НВО е токму сопругата на Муслиу и дали „Нексус“ се наоѓа на домашна адреса на Муслиу, а формирана е само пред две години? Оттогаш речиси непрестано води проектни активности со градоначалници на СДСМ, работи на промоција на Пендаровски и учествува во работата на Комисијата за борба против тероризмот.“
изјави Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски ја предупредија опозицијата на нејзината политичка одговорност за објавување евентуално непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на Агенцијата, особено во период кога трае ратификацијата на Протоколот за членство во земјите членки на НАТО.
Самиот кабинет побара од Антикорупциска веднаш да ги провери наводите.
„Во однос на прес-конференцијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во која се посочува на наводен судир на интерес од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу во однос на кадровски решенија во АР – Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија ја повикува Државната комисија за спречување на корупција истите да ги провери веднаш“,
се вели во реакцијата од кабинетот на Претседателот.