Македонските оператори денеска соопштија дека од 21 јуни (недела) времено ќе го прекинат реемитувањето на сите ТВ-програми, освен на МРТВ, во знак на протест поради, како што посочуваат, наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
„Принудени сме да почнеме со времени прекини во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ од 21 јуни, 2020. Ова се должи на измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски. На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение.
И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сѐ повеќе се комплицира“,
се вели во соопштението, а одлуката за времени прекини, како што се наведува, ја поддржале сите оператори кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.
Како причината за ваквиот чекор се посочува усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги „по скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа“.
„Со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон. Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена“,
објаснуваат операторите во соопштението.
Понатаму, сите оператори по истекот на овој период, односно на 08.08.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат.
Тие укажуваат дека поради ова има потенцијална можност за целосно згаснување на платформите за реемитување на програмските содржини од 8.08.2020 година. Сепак оставаат можност за решение со нивниот предлог за измена Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат, ќе се направи прифатливо решение што ќе го превенира потенцијалниот медиумски и информативен мрак.
За корисниците, операторите најавуваат обесштетување со соодветно намалување на месечната претплата.
Ваква најава за прекин на емитување на програмите имаше и во февруари од истите причини. Тогаш Македонската медиумска асоцијација во која членуваат петте домашни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител и Телма ги обвини операторите дека сакале да промовираат пиратерија и дека доволно време да се подготват за имплементација на законот.
По средбата на премиерот Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски со претставници на сите оператори обединети во Здружението на информатичко-комуникациски технологии, постигна беше согласност да се одложи најавениот прекин на реемитување на домашните и странските телевизиски канали.
