По завршување на состанокот во ОЈО Скопје, Ана Марјановиќ, онколошки пациент и член на здружението „Хемаонко“, рече дека во следниот период треба да се исконтактираат семејствата на починатите пациенти во чии истории е утврдено несоодветно лекување, како и пациентите што сè уште се лекуваат
Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, и надлежниот јавен обвинител во предметот „Онкологија“, Ана Гоговска-Јакимовска, денеска остварија средба со Ана Марјановиќ и Ангелика Колева, претставнички на неформалната организација која ги застапува онколошките пациенти, со цел да ги информираат за деталите од поднесените обвиненија против лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија за несовесно лекување пациенти.

Како што се наведува во соопштението од Обвинителството, претставниците на организацијата се информирани дека во текот на истрагата биле прегледани медицинските досиеја на сите онколошки пациенти кои примале биолошка терапија за период од пет години, од 01.01.2018 до крајот на 31.12.2022 година, при што технички советници на истрагата ги издвоиле историите со одредени сомненија за начинот на третирање.
„Од сите прегледани истории, 65 беа издвоени, испратени и анализирани од вештите лица во Словенија и Србија. Словенечките експерти потврдија несоодветно лекување кај 29, а српските кај дополнителни 18 пациенти. Нивните наоди беа основа за поднесените обвиненија“,
се вели во соопштението од ОЈО Скопје.
Јавните обвинители ги информираа претставниците на пациентите дека во следните денови ќе ги контактираат пациентите кај кои вештачењата утврдија пропуст во лекувањето или нивните законски застапници со цел да ги информира и да им укаже на нивните права како оштетени.
По завршување на состанокот во ОЈО Скопје, Ана Марјановиќ, онколошки пациент и член на Здружението „Хемаонко“, рече дека во следниот период треба да бидат исконтактирани семејствата на починатите пациенти во чии истории е утврдено несоодветно лекување, како и пациентите кои се уште се лекуваат.
Посочи дека како онколошки пациенти нема да се откажат од овој случај.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“. Како што соопшти на прес-конференција предметната јавна обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска, предметот е поделен на два дела – првиот се однесува на економското работење на Клиниката во кој се опфатени тогашниот медицински директор и организацискиот директор на клиниката, и вториот дел од предметот се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.