Првиот конвој со хуманитарна помош со 20 камиони, според ОН, влегол вчера од Египет преку граничниот премин Рафах, единствениот кон Појасот Газа кој не е во рацете на Израел. Овој број е крајно недоволен, според ОН, кои сакаат 100 камиони дневно за 2,4 милиони жители на Газа лишени од сè
Хуманитарната ситуација во Газа е „катастрофална“, предупредија вчера пет агенции на ОН, посочувајќи дека болниците се „преоптоварени“ со ранети и дека децата „умираат со алармантна брзина“. Светската здравствена организација, Светската програма за храна, УНИЦЕФ, Програмата за развој и Фондот за население потсетуваат во заедничко соопштение дека хуманитарната ситуација во Газа била „очајна“ и пред конфликтот што беше предизвикан од нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Сега е катастрофална, додаваат тие, повикувајќи ја меѓународната заедница „да направи повеќе“ за да им помогне на луѓето во Газа.
„Има многу малку време до нагло покачување на стапката на смртност поради појавата на болести и недоволните здравствени капацитети“,
предупредуваат тие.
Појасот Газа, кој е под израелска копнена, воздушна и морска блокада откако Хамас ја презеде власта таму во 2007 година, е сиромашна површина од 362 квадратни километри која е под „тотална опсада“ од 9 октомври од страна на Израел, кој му го прекина снабдувањето со вода, електрична енергија и залихите на храна.
ОН бараат сто камиони со помош на ден
Првиот конвој со хуманитарна помош со 20 камиони, според ОН, влегол вчера од Египет преку граничниот премин Рафах, единствениот кон Појасот Газа кој не е во рацете на Израел. Овој број е крајно недоволен, според ОН, кои сакаат 100 камиони дневно за 2,4 милиони жители на Газа лишени од сè.
„На луѓето во Газа им треба многу повеќе, многу е потребна масовна испорака на помош“,
рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на маргините на мировниот самит во Каиро.
Агенциите на ОН наведуваат дека „децата умираат со алармантна брзина, без право на заштита, храна, вода и здравствена заштита“.
„Болниците се преполни со ранети. На цивилите им е сѐ потешко да добијат основна храна“,
додаваат тие.
Хамас, од 7 октомври уби повеќе од 1 400 луѓе на израелска територија, главно цивили, кои беа убиени со куршуми, живи запалени или умрени по тортурата на првиот ден од офанзивата на палестинското исламистичко движење од Газа, соопштија израелските власти.
Во Појасот Газа повеќе од 4 300 Палестинци, главно цивили, загинаа во континуираното израелско бомбардирање, соопшти Министерството за здравство на Хамас во Газа. Хамас, според израелската армија, држи и околу двесте заложници.