Источниот дел на Чад веќе примил повеќе од 400 000 судански бегалци и „новите бегалци вршат дополнителен притисок врз јавните служби и ресурсите во земјата“, додаде УНХЦР
Помеѓу 10 000 и 20 000 луѓе побегнале од конфликтот во Судан во соседен Чад, соопшти денеска Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) чии членови се присутни на границата на двете земји.
„Повеќето од оние што бегаат се жени и деца. УНХЦР тесно соработува со владата на Чад и нејзините партнери за да ги процени нивните потреби и да подготви заеднички одговор“,
се вели во соопштението.
Источниот дел на Чад веќе примил повеќе од 400 000 судански бегалци и „новите бегалци вршат дополнителен притисок врз јавните служби и ресурсите во земјата“, додаде УНХЦР.
Најитни потреби се вода, храна, засолниште, здравствена заштита, заштита на децата и превенција од родово насилство.
Судирите меѓу армијата и паравоените сили во Судан почнаа пред неколку дена, во екот на борбата за власт меѓу двајцата генерали кои управуваат со земјата од државниот удар во 2021 година.
Илјадници цивили го напуштаат главниот град на Судан, а странските држави се обидуваат да ги евакуираат своите граѓани поради жестоките борби меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) кои беснеат веќе петти ден.
Според сведоштвата што ги пренесуваат светските медиуми, луѓето го напуштале Картум со автомобили и пеш, додека во градот одекнувале истрели и експлозии.
Егзодусот уследи откако договорот за примирје на кој вчера се согласија завојуваните фракции, по одделните средби со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пропадна.