Туристичките знаменитости може и треба да се уживаат, но мерките и протоколите мора да се почитуваат за да се надмине пандемијата на ковид-19, порачуваат од Обединетите нации (ОН) откако претставниците на оваа организација во земјава имаа состанок со туристичкиот сектор.
Тие се согласиле дека во претстојниот врв на туристичката сезона е особено важно во овој сектор да се почитуваат мерките, како и дека е потребна иновативност и соработка за туризмот да ја преброди кризата и да се сочуваат работните места во оваа дејност.
„Туризмот има голема улога во сегашната ситуација, зашто тоа што се случува во овој сектор не се однесува само на овој дел од економијата, туку и на здравјето, на добросостојбата на луѓето во земјата, на целата економија и на локалниот развој. Тоа што е важно е сите да разбереме дека животот мора да продолжи, дека работата мора да продолжи, но мора да се следат и мерките и протоколите за заштита, за да се избегне поголема штета“,
изјавила Росана Дуџак, постојна координаторка на ОН во Северна Македонија.
На состанокот присуствувал и шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, Џихан Тавила, кој порачал дека мора да се прифати реалноста дека со вирусот ќе живееме подолго време, како и дека мора во туризмот да се почитуваат мерките и протоколите бидејќи појавата на кој било кластер поврзан со некоја туристичка локација ќе биде исклучително штетен и за бизнисот и за јавното здравје.
„Редефинирање и проширување на можностите за зголемување на туризмот во време на ковид-19: може да се мисли на нов туризам, да се биде иновативен и да се направат работите поинаку за да се зголеми безбедноста на услугите, квалитетот и безбедноста на вработените и гостите. Безбеден туризам може да стане нов стандард“,
рекол Тавила.
Од туристичкиот сектор во земјава, пак, порачале дека кризата тешко ги погодила и мора да се биде иновативен за да се опстане.
„Состојбата е тешка, а ќе биде и потешка. Во овој момент се обидуваме да ги намалиме загубите. Сите треба да бидеме реални и иновативни; мора да работиме заедно да се надмине кризата, надевајќи се на подобри резултати идната година. Има многу непознати работи. Потребен ни е поголем заеднички напор за да се справиме со кризата. Од поголема контрола во спроведувањето на протоколите и превентивните мерки, до подобра координација и поголемо разбирање дека сите треба по нешто да жртвуваме“,
посочил Крсте Блажески, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ).
Тој зборувал и дека дел од членовите на асоцијацијата се соочиле со тешкотии да ги исплатат платите и трошоците за вработи.
Лани, рекол, имавме проблеми да најдеме работници, а сега се мачиме да ги зачуваме тие што ги имаме, за да не ги загубат своите работни места и да се осигураме дека заедно ќе излеземе од оваа криза.
За зачувување на работните места во име на Синдикатот на вработените во туризмот и угостителството зборувал и Дарко Димовски од Сојузот на синдикати.
„Работиме напорно, а учествувавме и во изготвувањето на мерките за заштита на работните места што ги подготви Владата, зашто не сакаме луѓето што сега работат да ги загубат работните места и да ја напуштат земјата веднаш штом кризата ќе стивне“,
рекол Димовски.
Учесниците на состанокот, велат од канцеларијата на ОН, се согласија дека најважни работи за справување со тешката состојба предизвикана од пандемијата се да се биде иновативен, реалистичен, практичен и сите да бидат поодговорни со носење маски, одржување дистанца и често и темелно миење на рацете.