Повеќе од половина од случаите на принудна работа се случуваат во земји со високи приходи, при што има рипати поголеми шанси мигрантите да бидат изложени на принудна работа отколку домашната работна сила
Се нагласува дека состојбата е влошена од кризи како пандемијата на коронавирус, вооружените конфликти и климатските промени, кои втурнаа уште повеќе луѓе во екстремна сиромаштија и ги принудија да мигрираат
Бројот на луѓе принудени на современи форми на ропство поради сиромаштија и криза се зголеми за една петтина во последните години и тоа на околу 50 милиони, при што повеќе од половина се принудени да работат против своја волја, а останатите се принудени на брак, соопшти Меѓународната организација на трудот (МОТ) на Обединетите нации во извештајот.
Тоа е за речиси 10 милиони повеќе од бројките од пред пет години.
Двете категории спаѓаат во дефиницијата за модерно ропство, бидејќи вклучуваат луѓе кои „не можат да одбијат работа или брак или не можат да заминат поради закани, насилство, измами, злоупотреба на моќ и други форми на принуда, се вели во соопштението, пренесуваат светските медиуми.
Околу 27,6 милиони луѓе се на принудна работа, вклучувајќи 3,3 милиони деца. Од тие деца, повеќе од половина се во комерцијална сексуална експлоатација.
Уште 22 милиони луѓе се во присилни бракови – повеќе од две третини од нив жени – а многу жртви се под 15 години кога се склучува бракот.
Се нагласува дека состојбата е влошена од кризи како пандемијата на коронавирус, вооружените конфликти и климатските промени, кои турнаа уште повеќе луѓе во екстремна сиромаштија и ги принудија да мигрираат.
„Мислам дека едноставно ги намаливме нашите напори досега, дека го тргнавме фокусот од принудната работа“,
рече генералниот директор на МОТ Гај Ројдер, повикувајќи на подобрувања во практиките за вработување и трудовите инспекции.
Тој смета дека би можеле да помогнат и трговските мерки, како забраната за извоз и увоз на производи создадени со принудна работа, кои во моментов ги разгледува Европската унија. Споредено со претходните бројки од 2016 година, бројот на луѓе во модерно ропство оттогаш се зголемил за околу 9,3 милиони, се вели во извештајот.
Во него се додава дека повеќе од половина од случаите на принудна работа се случуваат во земји со високи приходи, при што има трипати поголеми шанси мигрантите да бидат изложени на принудна работа отколку домашната работна сила.
Во посебен дел од извештајот, МОТ објави дека Катар, кој веќе се соочи со обвинувања за кршење на работничките права на работниците мигранти во различни индустрии пред Светското првенство на ФИФА, постигна „значаен напредок“ по отворањето на локалната МОТ канцеларија во земјава во април 2018 година.
Извештајот, исто така, укажува на загриженост поради наводите за принудна работа во некои делови на Кина. Ова се однесува на извештајот објавен од Канцеларијата за човекови права на ОН на 31 август, во кој се наведува дека во Кина се извршени „сериозни кршења на човековите права“ и дека притворањето на Ујгурите и другите муслимани може да претставува злосторство против човештвото.
Кина постојано одлучно ги отфрла сите овие обвинувања и минатиот месец ратификуваше две конвенции против принудна работа.