Покрај тоа што издаваат лажни потврди, има луѓе кои на секој начин се трудат да избегнат вакцинација. Така, неодамна во Италија е забележан случај на прободување во лажна рака на пациент и оттогаш се појавуваат се покреативни методи за избегнување на вакцинацијата
Во петокот Европската комисија донесе одлука пасошите за коронавирус да важат само девет месеци, доколку лицето не примило засилувачка доза од вакцината. И покрај новите правила, пазарот на лажни сертификати цвета во речиси сите земји во светот.
Социјалните мрежи се покажаа како најплодна почва за ваков тип на содржини, а обидите за лажна вакцинација не се непознати за антиваксерите.
Измамниците ги упатуваат луѓето на Фејсбук на страници за кои тврдат дека продаваат лажни ковид-потврди за оние кои не ја примиле вакцината.

За тоа, создадени се сајтови кои нудат „полесно решение“, а Фејсбук најави дека ќе ги отстранува спорните содржини секогаш кога ќе бидат откриени.
Една од мерките што ги воведе Велика Британија е пропусницата за ковид, која е неопходна за влез во затворени простори. Од тој момент властите мака мачат со напливот на лажни сертификати кои се се почести во таа земја.
„Најдовме пропусници, сертификати, картички, картички за вакцини, дури и изборот на вакцината што сакате да ја забележите на картичката“,
вели Џонатан Бентон, кој ја води фирмата за сајбер-истражување Intelligent
Сертификати за ковид се пронајдени заедно со дрога, оружје и украдена стока, а продавачите тврдат дека обезбедуваат документација од многу земји, вклучително и САД и ЕУ.
„Измамата е кривично дело и фалсификувањето документ за статусот на вакцинација не само што може да ги загрози животите, туку е и казниво со 10 000 фунти“,
изјави портпаролот на британската влада.
Лажни сертификати од повеќе земји
Во објава на Фејсбук, еден продавач тврди дека може да обезбеди сертификати од 22 земји, вклучувајќи ги Португалија, Франција, Грција, Шпанија, Австралија, Латвија, Мароко и Велика Британија.
Не само што се нудат хартиени сертификати, туку наводно можат да достават и апликации од националниот здравствен орган со QR-кодови, бидејќи тие работат со луѓе во рамките на здравствените власти, кои би можеле да додадат информации во базата на податоци.
„За жал, би рекол дека тоа тврдење е веројатно многу веродостојно“,
вели Бентон, кој претходно работел за Националната агенција за криминал (NCA).
Бентон оценува дека е тешко да се знае кој стои зад ваквата продажба, но тој и неговиот тим веруваат дека се вмешани организирани криминални групи и дека повеќе криминалци се префрлаат на Интернет.
„Ако извршам организиран, насилен криминал таму на улица, постои ризик да бидам фатен и да одам во затвор на 10 години. Наспроти тоа можам да бидам зад лаптопот со повеќе луѓе кои мамат, и природно ќе се преселам на тоа место“,
смета тој.
Во меѓувреме, на Фејсбук беа пронајдени неколку објави или коментари во кои се тврди дека сертификатите за вакцинација се продаваат на луѓе кои не биле вакцинирани.
Се вели дека пропусниците ќе им помогнат на луѓето да ги задржат своите работни места, да присуствуваат на настани или полесно да патуваат.
Потребен е силен одговор
Претходно оваа година, на британските гранични сили им беше наредено да престанат да ја проверуваат документацијата за коронавирусот, за да можат авиокомпаниите да ја преземат таа задача.
„Бидејќи граничните сили повеќе не прават проверки, не знаеме колку се тие распространети и колку всушност се користат. Авиокомпаниите не се експерти за фалсификување, што е разбирливо“,
објаснува Бентон.
Откривањето лажни сертификати не се разликува од откривањето измами на Интернет, но не постои точен модел за опсежни проверки. Доколку дојде до темелна проверка, ќе се создадат премногу долги редови на границите.
Во соопштението на компанијата сопственик на Фејсбук, се наведува дека забранува секој да купува, продава или тргува со лажни, па дури и оригинални медицински документи на платформите на компанијата.
„Ќе продолжиме да ја идентификуваме и отстрануваме оваа содржина секогаш кога ќе ја најдеме и ќе оневозможиме профили, сајтови или групи кои постојано ги прекршуваат нашите правила“,
додаваат од компанијата.
Лажна вакцина
Покрај тоа што издаваат лажни потврди, има луѓе кои на секој начин се трудат да избегнат вакцинација. Така, неодамна во Италија е забележан случај на прободување во лажна рака на пациент и оттогаш се појавуваат се покреативни методи.
Во истата земја три лица се уапсени поради издавање лажни потврди, откако безбедносните камери забележале случај на лажна вакцинација.
Имено, медицинската сестра во Палермо ја фрлила содржината на вакцината во марамче пред да ја допре раката на пациентот. Покрај неа, уапсени се и организаторите на ваквата измама.