Овој метод е тешко да се открие, бидејќи се е направено според правилата освен последниот чекор. Најдобра вакцина за измама е „Џонсон и Џонсон“, бидејќи се прима само една доза за да се добие сертификат
Веќе има два смртни случаи во Бугарија и Романија на лица кои не биле вакцинирани, но имле лажни сертификати, а има и уапсени лекари во Бугарија и Словенија кои ги издавале
Додека Европската комисија и земјите од ЕУ се борат да го спречат најновиот раст на бројот на заразени со коронавирус, илјадници Европејци не сакаат да се вакцинираат, но се подготвени да платат за лажни ковид-пропусници, пишува Еурактив.
Медиумите во десетина земји известуваат за овој проблем – од Германија каде на Инстаграм се продаваат лажни потврди и негативни тестови за ковид, до Австрија, Италија, источноевропските земји и на Балканот. За лажен тест или вакцина што не ја примиле, антиваксерите плаќаат од 100 до 500 евра, а понекогаш плаќаат и во криптовалути.
Јутарњи лист спроведе истражување во Хрватска, кое откри неколку ординации од општа пракса каде што може да се купат сертификати за коронавирус без лицето навистина да ја прими вакцината, но содржината на шприцот се исфрла во воздух.
Овој метод е тешко да се открие, бидејќи се е направено според правилата освен последниот чекор. Најдобра вакцина за измама е „Џонсон и Џонсон“, бидејќи се прима само една доза за да се добие сертификат. Хрват кој за Јутарњи лист зборувал под услов да остане анонимен, вели дека „има одбивност кон вакцинацијата“, но дека од пријател слушнал дека „тоа може да се реши за 1 000 куни, или околу 130 евра“.
Две недели подоцна, му било кажано да оди во медицинска клиника на Јадран. Се пријавил за вакцинација, влегол и оставил готовина под книга на масата – која е „слепа точка“ што не ја покриваат безбедносните камери.
„Дојде медицинска сестра, ми рече да го засукам ракавот, зеде памучна вата, ја натопи во алкохол и потоа ја зеде вакцината ‘Џонсон и Џонсон’. Го допре шприцот до моето рамо како да ме вакцинира, но содржината ја испразни во воздух во близина на моето рамо. А потоа ги внесе моите податоци во системот како да сум редовно вакциниран“,
објаснил тој, пренесува Еурактив.
Прв смртен случај во Бугарија
Во бугарскиот главен град Софија, млад човек со лажен сертификат за вакцинација почина во болница на 26-ти ноември. Д-р Људмил Шопов од болничкото одделение за коронавирус, изави дека пациентот одбил терапија со кислород, бидејќи се плашел дека медицинскиот кислород ќе му ги оштети белите дробови.
Овој млад човек (27), без никакви познати хронични заболувања, прво им кажал на лекарите дека е вакциниран и има зелен сертификат. Но, неговата состојба наеднаш се влошила и развил респираторна инсуфициенција, поради што лекарите се сомневаат во неговиот статус на вакцинација.
Откако приватно разговарал со докторот, пациентот му признал дека потврдата му е лажна. На прашањето зошто не е вакциниран, тој рекол дека се плаши дека вакцината може да го направи импотентен.
Analyse this. Many Bulgarians pay EUR300 for a fake Covid vaccination certificate, instead of obtaining a real one for free.
— Georgi Gotev & EURACTIV.bg (@GeorgiGotev) November 24, 2021
Слична смрт е пријавена и во Романија, каде што претходно во ноември починал маж за кој е откриено дека не бил вакциниран, но имал потврда за ковид.
Извори на Еуроактив од Бугарија откриле дека цената на лажните сертификати е меѓу 100 и 300 евра. Странците, најмногу оние од Грција, плаќаат по 300 евра.
Први апсења
Бугарската полиција веќе спроведе неколку специјални операции во кои се уапсени десетици Бугари под сомнение дека имале или издавале лажни потврди за ковид.
Како и во Хрватска, некои бугарски лекари ја користат вакцината „Џонсон и Џонсон“ за издавање зелен сертификат.
На 29 ноември, полицијата спроведе специјална операција во две болници во малите градови Асеновград и Раковски во јужна Бугарија: тројца лекари и еден стоматолог се уапсени, а во еден од нивните автомобили беа пронајдени неколку лажни потврди.
Двајца лекари се уапсени во Словенија, бидејќи издавале лажни потврди за ковид. Сто истражители од полициските администрации во седум градови учествувале во полициската истрага, соопшти Бено Меглиќ, шеф на криминалистичките иследници на Марибор.
Во Германија, повеќето државни криминални агенции неодамна предупредија дека трговијата со лажни сертификати значително се зголемила по воведувањето на таканаречените ограничувања за 2Г. Од 27 ноември, околу 2 500 случаи на лажни потврди за ковид се откриени во Германија, половина од случаите во Баварија, а сертификатите биле достапни преку Инстаграм.