При создавањето на моделот за следење настава во услови на корона – криза да се води сметка за потребите на учениците со попреченост, повикува Народниот правобранител.
Ова се наведува во неговиот извештај за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн настава за учениците со попреченост, кој е доставен до Министерството за образование и наука.
„Народниот правобранител препорачува, при изборот и креирањето на модалитетот за изведување (следење) на настава, да се имаат предвид и овие категории на ученици, при што во изборот на начинот на реализација на истата да не се поаѓа само од типичниот ученик. Креаторите на образовните политики треба да ги идентификуваат и да се раководат од потребите на најмаргинализираните категории, вклучително и учениците со попреченост, при што да обезбедат непречен пристап, квалитетно следење и успешно стекнување на знаења, без разлика дали се вклучени во редовните или посебните училишта. Впрочем, достапноста, пристапноста, приспособливоста и прифатливоста на образовниот систем, и во редовни и во време на вонредни состојби, се итни обврски на државата која е потписник на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост“,
стои во документот на Омбудсманот.
Во извештајот се наведува дека потребно е обезбедување на непречен пристап до правото на образование на секое дете, дури и во услови на учење од далечина.