Основачи на компанијата што го изработи рангирањето на земјите за безбедност во време на ковид-19 се лица со сомнителна професионална позадина
Во повеќе земји се оспоруваат резултатите од оваа студија, особено што не е позната методологијата врз која се изработени
На 5 јуни годинава „Форбс“ ја цитираше анализата на групацијата „Dark knowledge group“ која ги рангира земјите во светот според безбедност во време на пандемијата предизвикана од ковид-19. Текстот во „Форбс“ беше насловен како „Најбезбедните 100 земји во светот за ковид-19“, а во земјава оваа вест пристигна два дена подоцна на 7 јуни и прилично ја разбранува јавноста. Критички изјави на опозиција дека „Македонија ја нема ниту во првите 100 најбезбедни земји на листата на ’Форбс‘“.
Но, интересно е дека уште на 8 април, „Тајмс оф Израел“ ги ставил под знак прашалник релевантноста на групацијата „Dark Knowledge Group“ и нивните анализи, а во очите на критичките новинари паднале, бидејќи премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, гордо се повикувал на нивните студии и дека Израел е една од земјите кои најдобро се справуваат со ковид-19.
Љубопитноста на новинарите ги натерала да проверат кој точно стои зад „Dark Knowledge Group“ и врз каква методологија и податоци се изработувани рангирања, но во анализата нема таков одговор.
Откако „Форбс“ ја цитираше оваа анализа, „Тајмс оф Израел“ повторно се посветува да ја истражи анализата, во која Израел е на третото место по безбедност по Швајцарија (на прво) и Германија (на второ). Израелскиот премиер со гордост се повикува и дури резултатите ги објави на неговата официјална веб-страница, на неговите профили на социјалните мрежи, и за тоа говори во ударните термини на израелските телевизии.
„Студијата не само што не ги открива податоците или методологијата што ја користела, туку и луѓето што стојат зад неа, исто така, имаат неверојатно необични истории во кариерата“,
пишува „Тајмс оф Израел“.
Бизарно руско движење за бесмртност е во основачите на „Dark Knowledge Group“
Новинарите, истражувајќи подлабоко за тоа кој стои зад оваа студија на „Dark Knowledge Group“, открија дека меѓу основачите се медицински експерт од Сан Франциско, кој поседувал фирма што нудела приватни разузнавачки услуги на странски влади, неуспешен руски банкар, кој го советувал молдавскиот претседател за економијата и бизарно руско движење за продолжување на животниот век на човекот.

Критичката јавност во Израел брзо реагирала на оваа анализа, истакнувајќи дека иако Израел во никој случај не е најлошо погодената земја во светот, сепак има многу држави со пониска стапка на смртност по глава на жител, поголема стапка на тестирање и подобра подготвеност.
„Тајмс оф Израел“ во написот објавен на 8 април пишува дека истражувајќи откриле дека „Deep Knowledge Group“ е компанија за инвестиции основана во Хонгконг, во сопственост на московскиот и лондонски бизнисмен по име Дмитриј Камински, со деловни интереси во индустријата за финансиска технологија и „долговечност“.
„Кон средината на 2015 година, Камински ја купи руската ’Интерактивна банка‘ и во интервјуата дадени во руските медиуми тој најавил дека ќе инвестира една милијарда американски долари во банката за да стане најдобрата во светот која користи технологија на вештачка интелигенција. Една година подоцна, банката банкротираше и лиценцата му беше одземена“,
се вели во написот.
Реакции за листата и во други земји
Новинарот на „Форбс“, Џон Коетсиер, кој ја пренесе анализата на „Deep Knowledge Group“, во текстот го цитира изворот, но нема повеќе детали околу тоа кој стои зад рангирањето и врз каква методологија е изработена анализата. На неговиот профил на Твитер дури и има реакции од корисници на социјалната мрежа дека е нејасно, како е можно Виетнам да биде на 14. место на оваа листа, кога земјата имаше околу 300 заболени со ковид-19, ниту еден смртен случај и дополнително развија два теста за ковид-19 што Европа ги одобри за употреба.

Реакции за анализата има и во соседна Бугарија.
„Бугарскиот весник ’24 часа‘ нотира дека станува збор за организација непозната во светските научни кругови и дека нивната веб-страница dkv.global изобилува со огромен број убави графикони кои создаваат впечаток на експертиза. Притоа, прави една логична споредба: ’Интересно е што од класификацијата произлегува дека Шпанија, која до 8 јуни има 241 550 случаи на заболени од корона вирусот, (шеста во светот и втора во Европа по најмногу заразени) подобро се справува од Бугарија“,
пренесе новинарката Катерина Блажевска во нејзината денешна колумна за Дојче Веле.
Поранешниот министер за животна средина и просторно планирање, Тони Поповски, направи споредба на оваа студија велејќи дека Македонија со 0,06 % во моментов заразени лица од вкупно население, што е речиси четири пати помалку од десеттото глобално жариште Сингапур – кој е рангиран на 4. место на листата објавена на „Форбс“, е на 103. место. Според него, бројот на активни случаи е еден од четирите „круцијални“ индикатори на пандемија, заедно со бројот на заразени (и новозаразени), закрепнати и починати. Поповски вели дека во листата објавена од „Форбс“ се користени 130 параметри, но не и показателот за активни случаи.
„Една каша-попара од 130 параметри, 6 категории на индекси, па дури потоа рангирање, без податок во Извештајот за факторирање на параметри и начин на пресметување на кумулативен индекс за секоја од 6-те категории. Извештајот го има подготвено Deep Knowledge Group https://www.dkv.global/covid-19/full-report а го има преземено новинар на ’Форбс‘. Се работи за конзорциум на фирми и невладини, чиј газда е Дмитри Камински, олигарх познат по сонот да се победи смртта и инвеститор во биотехнологии и сè што може да го продолжи животот односно да не направи бесмртни“,
пишува Поповски.