Со Оперативниот план за вработување, за кој годинава се обезбедени 1,8 милијарди денари, ќе бидат опфатени 14 685 невработени лица, а околу 350 лица со попреченост преку посебен фонд ќе добијат поддршка за директно вработување
Една милијарда и 800 милиони денари или околу 30 000 евра се обезбедени за Оперативниот план за вработување за 2022 година, што е за пет милиони денари повеќе од минатата година.
Со планот, кој е одобрен од Владата, ќе бидат опфатени 14 685 невработени лица, со посебен акцент на младите невработени лица до 29 години, долго невработените лица, лицата со попреченост, како и корисниците на гарантирана минимална помош.
„Целта на Оперативниот план е различните ранливи категории на невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, корисници на гарантирана минимална помош и лица кои што ја изгубиле работата поради корона кризата подобро и полесно да пристапат на пазарот на труд“,
рече на презентацијата на Оперативниот план министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, на денешната презентација на Оперативниот план за вработување, истакна оти во планот преку посебен фонд е предвидена поддршка за директно вработување на 350 лица со попреченост.
„Преку посебниот фонд е предвидена поддршка за директно вработување на 350 лица со попреченост. Преку обуките за стручни квалификации и стручни обуки според барања на работодавачите 350 невработени лица ќе можат да се стекнат со квалификации кои се барани на пазарот на трудот, додека преку обуките за побарувани занимања 500 невработени лица ќе се стекнат со вештини кои ќе ги направат поконкурентни и ќе ја зголемат можноста за нивно вработување“,
нагласи директорот на Агенцијата за вработување.
Министерката Тренчевска потенцираше оти продолжува имплементацијата на Програмата за самовработување односно поддршка на невработените лица за отворање на сопствени бизниси со доделување грантови во висина од пет илјади евра за еден самовработен, односно 10 илјади евра доколку се јават двајца содружници.
За оваа мерка, како што истакна, се обезбедени средства за две илјади директни вработувања за чија реализација ќе бидат одвоени нешто повеќе од 672 милиони денари, односно некаде околу 10,9 милиони евра или за 2,6 милиони евра повеќе во однос на претходната година.
„Оперативниот план го креиравме и по мерка на младите бидејќи тие се нашата иднина и секој поттик и вложување во младите е влог во иднината на државата. Преку Планот ја намалуваме невработеноста на младите, но, ние исто така истовремено преку одржување на континуитет во имплементацијата на мерката обуки за напредни ИТ-вештини обезбедуваме пред се одржливи, високоплатени и атрактивни работни места во државата што се рефлектира и врз нивната мотивираност да останат во земјава. Свесни за новите потреби на пазарот на труд за оваа година обезбедивме 424 обуки за напредни ИТ-вештини за невработени млади лица“,
рече Тренчевска.
Според директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, за најбараната програма од страна на невработените лица – самовработување и оваа година е обезбеден највисок опфат досега, односно е предвидена финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис за две илјади лица.
При имплементација на мерките од планот ќе бидат почитувани три принципи – принцип на побрзо враќање на работа на лицата кои го изгубиле работното место поради пандемијата, принцип на диверзитет и инклузивност и принцип на рамномерен регионален развој.
Првите огласи за мерките ќе бидат објавени на 5 април.