Се товари за две кривични дела – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода
Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Советот за деца при скопскиот Основен кривичен суд достави предлог за примена на санкција за малолетникот кој на 25 февруари го прегази на пешачки премин лекарот Ѓорѓи Јота.
Малолетникот на возраст од 16 години е во куќен притвор, а Основното јавно обвинителство го товари за две кривични дела – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Истрагата покажала дека тој не се придржувал кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довело во опасност животот и телото на луѓето.
„Тој немал возачка дозвола и со брзина поголема од дозволената за населено место го управувал автомобилот по булеварот ‘Мајка Тереза’ во Скопје, а кога дошол на крстосницата со улицата ‘Елисие Поповски Марко’, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин, ваквата брзина не му овозможила да запре за да ги пропушти пешаците. Тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во животно загрозувачка состојба, а детето веднаш по несреќата го напуштило местото на настанот без да му укаже помош“,
се вели во соопштението од ОЈО.
Постапката против него се води според Законот за право на детето, со оглед дека нема наполнето 18 години, а од ОЈО Скопје соопштија дека побарале да му се продолжи куќниот притвор поради опасност од бегство.
Состојбата на хирургот Јота, пак, кој првично беше во кома, на почетокот на овој месец се подобри и тој веќе не беше на респираторна машина. Но, според лекарите, таа и натаму е тешка поради повредите на главата и на градниот кош и неговото лекување продолжува.
Вечерта кога се случи несреќата тој бил на Клиниката да ја види состојбата на своите пациенти.
