Педесет и осумгодишниот хирург Ѓорѓи Јота се здобил со тешки телесни повреди откако вчера беше прегазен од возило „бе-ем-ве“ управувано од 16-годишник од село Сингелиќ, Скопско.
Од Лекарската комора реагираат на овој инцидент и велат дека се згрозени од фактот што сторителот не пружил помош, туку го напуштил местото на настанот и го оставил повредениот во тешка, животнозгрозувачка состојба.
„Ценејќи ја сериозноста на овој случај, упатуваме јавно барање до судско-обвинителскиот систем навремено, сериозно и одговорно да пристапат кон решавање на овој случај, а сторителот да биде најостро санкциониран“,
додаваат од комората.
Тие се надеваат на позитивен исход од лекувањето на нивниот колега, хирург и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, кој е исклучителен професионалец и кој со години давал огромен и значаен придонес за развој на професијата, едукација на млади лекари и спасување на човечки животи.
„Овој случај покажува дека не е потребно подигање на безбедносните стандарди само во здравствените установи, туку и во нивната непосредна околина, каде што покрај здравствените работници се движат и лица кои поради здравствената состојба имаат потешкотии во движењето, како и инвалидизирани лица. Неопходно е да се создадат побезбедни услови за работа на здравствените професионалци и за лекување на пациентите“,
велат од Лекарската комора.
Министерството за внатрешни работи во денешниот билтен извести за настанот и вели дека сообраќајката била пријавена вчера во 20:30 часот, а се случила на крстосница од бул. „Мајка Тереза“ и ул. „Елисие Поповски-Марко“, кога возилото „бе-ем-ве“ удрило во пешакот Ѓ.Ј. (58) од Скопје.
„Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР-Скопје“,
наведуваат од МВР.