Обвинителството од Охрид поднесе обвинителен предлог против општинскиот советник Нефи Усеини и неговиот брат за кривично дело насилство.
Обвинителството посочува дека на 18 август во хотелот „Јуник“ во Охрид извршиле грубо насилство врз едно лице и кај присутните и вработените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
„Обвинетите го повикале оштетениот на средба во хотелот, па откако тој пристигнал со возило, на совозачкото седиште седнал еден од обвинетите. Веднаш започнале расправија, излегле од возилото кај паркингот пред хотелот, каде што во меѓувреме пристигнал и вториот обвинет. Во тој момент, двајцата обвинети физички го нападнале оштетениот. Притоа, на еден од обвинетите од панталоните му испаднал тврд предмет во облик на пиштол, кој потоа го зел вториот обвинет. Оштетениот со тупаници бил удиран во пределот на главата и телото пред влезот на хотелот и внатре, каде што обвинетите го удирале со тврдиот предмет во облик на пиштол во пределот на главата“,
наведува Обвинителството за настанот кој изминатиот период беше во фокусот на јавноста.
За браќата Усеини се бара продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство.
Тие се во притвор една недела откако сами се пријавија во полициска станица по шест дена недостапност за полиција. Тие побараа да бидат ослободени нудејќи гаранција од 30 000 евра. Охридскиот суд им ја прифати, но обвинителството се пожали до Апелацискиот суд во Битола, кој одлучи да ја одбие гаранцијата и двајцата да останат во притвор.
Двајцата беа осомничени и за недозволено држење оружје, но сега обвинението се однесува само на насилство.
Ова следува откако во меѓувреме случајот доби поинаков тек, односно охриѓанецот кој беше нападнат од браќата подоцна го смени исказот и тврдеше дека написите во јавноста се извадени од контекст. Во новата изјава вели дека во расправијата не видел оружје и дека се работи за недоразбирање кое е надминато и дека Усеини бил и ќе биде негов пријател.