Мисијата за зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот Регион треба да биде национален зафат со силна поддршка од сите политички сили, порача Гир при посетата во Охрид
Природното и културното наследство имаат универазална вредност за сите нас, затоа треба да се сочува со цел да биде достапно за идните генерации, рече евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната средба со градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Ова е прва работна посета на Гир во Охрид и тој испрати порака дека Европската Унија дава поддршка за заувување на Охридскиот Регион како заштитено подрачје под УНЕСКО.
„Ние го разбираме огромниот јавен интерес за заштита на регионот на Охридското Езеро како локација која е светско наследство. Токму поради таа причина ние како Европска Унија ја поддржуваме вклученоста на самата заедница во решавањето на ова прашање“,
рече Гир.
Според него, мисијата за зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот Регион треба да биде национален зафат со силна поддршка од сите политички сили и активност која ќе ги обедини сите чинители во општеството, преку заедничко партнерство помеѓу властите, граѓанското општество, локалните заедници и бизнис секторот.
Градоначалникот Константин Георгиески го информирал европамбасадорот Гир за досегашните активности во врска со ова прашање како и за плановите кои ќе бидат реализирани во иднина.
„Порај актуелните прашања поврзани со статусот на Охрид во УНЕСКО, најновиот нацрт-извештај и имплементацијата на препораките, разговаравме и за останатите состојби во општината, процесот на раздолжување и проектите кои што ги имаме во делот на ревитализација на колекторскиот систем. Исто така, беше разговарано и за можностите за помош и поддршка од програмите и фондовите на ЕУ“,
изјави Георгиески.