Ваквото излегување на терен на „огнената група“ подразбира непосредна комуникација со партиските ограноци, а се очекува вакви излагања да има и во наредниот период на кои тие ќе ги изнесат своите грижи, особено за нереализирање на програмата и нивните барања. Велат дека решиле да излезат јавно поради прекинување на партиските состаноци и неземање предвид на нивните барања
Непоколебливи сме во поддршката на нашиот лидер Али Ахмети, но „да не го палиме јорганот за неколку болви“. Ова вечерва го порача потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Изет Меџити, заедно со членовите на т.н. „огнена група“ на средбата со граѓани и членови на партијата во Студеничани.
Беа присутни и членови на раководството и органите на ДУИ, Кастриот Реџепи, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Муса Џафери.
Ова е прва во низата средби со граѓани и членови на партијата што ги најави таканаречената „огнена група“ за, како што велат, да алармираа дека ДУИ се растура и оти треба да се преземат мерки да се сочува партијата.
Потпретседателот на партијата, Изет Меџити, порача дека перформансите на извршната власт во последните две години се многу слаби.
„Реализацијата и ефикасноста на нашата извршна власт во Владата е под 2 проценти. Бараме одговорност од извршната власт за нивната неефикасност“,
порача Меџити.
На средбата, претседателот на Надзорниот совет на ДУИ, Муса Џафери, истакна дека во Владата се креира место за влез на Алијанса за Албанците, а не се гледа што се случува во ДУИ.
„Ние имаме простор Алијанса за Албанците да ја интегрираме во Владата и да ја мобилизираме, но не сме свесни дека нашата партија се разделува, се креира јаз меѓу членови на претседателството, меѓу партиските ограноци, меѓу општините. Мислам дека е крајно време кога ние треба да се освестиме и мобилизираме, да тропаме на вратите на ДУИ за оваа состојба да не продолжи и понатаму, но треба да седнеме и да ги пронајдеме потребните компромиси за да го сочуваме ДУИ“,
кажа Џафери.
Организацискиот секретар на ДУИ и градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, порача дека тие не се заинтересирани да бидат дел од Владата, туку дека бараат да се почитува мерит системот.
„Важно е граѓаните, Албанците да одат напред, индивидуалните позиции не се важни. Дозволете да кажам дека ниту еден од нас, сме го кажале ова од почеток, дека не сме заинтересирани да бидеме дел на Владата. Ние само бараме да се почитува мерит системот, за да се почитува базата на партијата, а не одлучувањето да стане ексклузивност на Артан Груби и неговиот клан“,
кажа Беџети.
Ваквото излегување на терен на „огнената група“ подразбира непосредна комуникација со партиските ограноци, а се очекува вакви излагања да има и во наредниот период на кои тие ќе ги изнесат своите грижи, особено за нереализирање на програмата и нивните барања. Велат дека решиле да излезат јавно поради прекинување на партиските состаноци и неземање предвид на нивните барања.