Според Меџити, Груби создал „артанистички дух“ кај министрите и активистите кои кон неистомислениците од партијата се однесуваат полошо отколку со опозицијата, додека за Блерим Беџети, наместо втор раководител на Владата, првиот вицепремиер станал нејзин портпарол
Дојдовме овде да информираме за нашата иницијатива за демократизација на ДУИ, промена на извршната власт и враќање на партијата на вистинскиот пат. Ова пред жителите на Требош, Тетовско го порачал претседателот на надзорниот совет на ДУИ и член на т.н. „огнена група“, Муса Џафери.

Покрај Џафери, пред жителите на Требош свои обраќања имале и потпретседателот на ДУИ и пратеник во Собранието, Изет Меџети и како и организацискиот секретар на партијата и градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, кои заедно со Муса Џафери се најзвучните имиња од „огнените“.
Муса Џафери, како што се наведува во соопштението за средбата со жителите на Требош, истакнал дека е потребно унапредување на ДУИ, бидејќи констатирале многу небрежност и нереализирани проекти.
„Отворивме дебата во партијата, зошто станавме зелена партија, тоа не беше приоритет на изборите, или можеше да биде втор или трет приоритет, и дојде моментот кога реагираме за да ја вратиме партијата на вистинскиот пат“,
рекол Џафери.
Меџити во своето обраќање го обвинил првиот вицепремиер Артан Груби за губењето на Полог, алудирајќи најверојатно на поразот на ДУИ во Тетово на локалните изборите избори во 2021 година, каде битката за градоначалник ја доби лидерот на Беса, Билал Касами.
Според Меџити, Груби создал „артанистички дух“ кај министрите и активистите кои кон неистомислениците од партијата се однесуваат полошо отколку со опозицијата.

„Речиси целосно го изгубивме Полог, со Артан и Артанците, кој создаде артанистички дух кај министрите и активистите, и се однесуваат кон нас полошо отколку со опозицијата. Албанците имаат позиции како никогаш досега, со претседател на парламентот, половина од министрите, со 80 проценти од економските ресори, но ефект нема. Дури и кога бевме во националистичка влада вработивме 500, 600 млади луѓе, спречивме бегство на младите. Нема инвестиции, Артан Груби не презема никаква иницијатива кон децентрализација, кон зајакнување на албанскиот јазик. Нема капитални инвестиции, нема патишта во албанските населени места. Зборува за Коридорот 8, додека од Скопје до Блаце два километри не се направени“,
рекол Меџити.
Од 400 милиони евра капитални инвестиции, посочил тој, најмалку 100 милиони треба да се инвестираат во албанските региони.
Членот на „огнената група“, кој во ДУИ ја врши функцијата организациски секретар, а во Општина Сарај – градоначалник Блерим Беџети, рекол дека Груби наместо втор раководител на Владата станал нејзин портпарол.

„Зошто нема отчет од министерот за економија, финансии и други или нема развој на регионите. Три години не лажат со Коридорот 8, за кој сите сме за, но не гради никакви патишта во албанските села и градови. Артан и Артанците работат за своите кариери, не за народот. Оваа цел мора да се реализира, да ја обновиме ДУИ. Ние имаме гласови, тие немаат. Против нив сме од 2020 година, затоа што се плашиме дека ќе ја уништат ДУИ“,
рекол Беџети, додавајќи дека актуелните министри мора да се заменат со нови.
„Огнената група“ веќе подолг период бара смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради нереализирање на партиската програма.
Барањата на „огнената група“ не наидоа на поддршка од страна лидерот на ДУИ Али Ахмети што беше повод и едните и другите да почнат со интензивни средби со членството и симпатизирените на ДУИ.