Не се „самоисклучивме“, туку го напуштивме состанокот (на 1 април) во знак на протест како резултат на непочитувањето и манипулацијата со партискиот статут, соопшти вечерва Фракцијата на Демократската унија за интеграција
Со длабока огорченост и разочараност, од медиумите дознавме за состанокот и одлуките донесени на тајната средба на Претседателството на ДУИ, чиј епилог беше манипулација со јавноста преку игра на зборови. Ова стои во соопштението што вечерва го објави т.н. „огнена група“, потпишана како Фракција на Демократската унија за интеграција.
„1. Не се ‘самоисклучивме’, туку го напуштивме состанокот (на 1 април) во знак на протест како резултат на непочитувањето и манипулацијата со партискиот статут,
2. Не бевме поканети на состанокот како членови на Претседателството, што претставува повреда на статутот и законските обврски на органите на партијата,
3. Ваквото раководење со партиското тело е самоволно и недемократско,
4. Членовите на Претседателството ги избира Генералниот совет и само тој може да ги разрешува истите, според законски процедури,
стои во соопштението.
Од Фракцијата бараат да престане, според нив, манипулирањето на јавноста преку зборови и сериозно да се внимава на внатрепартиските несогласувања за кои велат дека се резултат на сквернавењето на демократијата, меритократијата и партискиот статут.
„Остануваме стоички во нашите убедувања дека ДУИ треба да има одговорност за своето потекло, историја, демократски вредности и обединувачки дух, вредности кои ја одржаа како апсолутен победник во сите избори во последните две децении. Како фракција ќе продолжиме да се бориме со сите демократски, политички и меритократски средства за зачувување на вредноста и придонесот на сите Албанци кои никогаш не престанаа да ја поддржуваат и да ја доведат до апсолутна победа политичката формација ОВК, именувана како Демократска Унија за Интеграција“,
велат од Фракцијата на Демократската унија за интеграција.
Претходно денеска, од Централното претседателство на ДУИ соопштија дека жалат за одлуката на петтемина членови на претседателството, како што наведоа, да се самоповлечат од овие позиции.
Инаку, членовите на т.н. „огнена група“ на 1 април годинава го напуштија состанокот на Централното претседателство на партијата и најавија дека ќе функционираат како фракција во ДУИ.
Фото: Архива