Владата соопшти дека е откажана за денеска закажаната лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ Али Ахмети и првиот човек на Алијансата за Албанците Зијадин Села. Иако Села и Ахмети ја прифатија поканата, средбата е откажана поради недоаѓањето на Мицкоски, кого Владата го нарекува „неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на 15 јули на отворен настан, а потоа и со покани, ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, на лидерска средба со единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите за членство во Унијата. За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите“,
соопштија од Влада на РСМ.
Влада: Мицкоски не бара, туку бега од избори
Темите за кои би се разговарало на лидерска средба како Законот за СЈО, спроведувањето на пописот и измените во Изборниот законик за Владата се клучни за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата.
„Мицкоски ги деградира (темите) со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање. Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатливa за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел. Тоа укажува дека целта не била да се разговара за предвремени избори туку да се побегне и од оваа тема“,
додаваат од Владата.
Од таму велат дека премиерот Заев со иницијативата за лидерска средба покажал подготвеност за прифаќање сугестии и предлози за овие прашања, но немало да прифати ултиматуми кои единствено имаат за цел да го блокираат напредокот на Република Северна Македонија.
„Стратешките интереси на државата, реформите и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, не смеат да бидат предмет на уцена на опозицијата. Националните интереси и правдата за граѓаните се неприкосновени и со нив нема и не смее да има компромиси“,
стои во владиното соопштение.