На денешната седница на Влада на крушевската фирма „5 летерс“ ѝ е одземена лиценцата за одгледување марихуана, потврдуваат добро упатени извори за „360 степени“.
Како што објавивме пред околу две недели прашање на време беше кога ќе се донесе ваквата финална одлука.
Станува збор за фирма чие производство е лоцирано во крушевското село Алдинци, од која неодамна без украдени 60 килограми марихуана, а при увид беше пронајдена и непријавена количина канабис.

Кражбата во оваа фирма се случи во декември 2020, а меѓу тројцата осомничени е и роднина на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.
По грабежот се направи и вонредна инспекција во оваа фирма. Следуваа уште неколку настани кои завршија со откритие на МВР дека ограбената „5 летерс“ и самата го крши законот. Фирмата произведувала канабис кој не бил пријавен, што е спротивно на закон. При претресот, полицијата одзема 18 301 растение канабис, кои биле спакувани во 247 вреќи. За управителот со иницијали К.Б. е поднесена кривична пријава.
„На 20 декември е извршен инспекциски надзор од надлежните тела и констатирани се неправилности, односно констатирано е дека е засаден канабис, а нема евиденција за тоа. Преземени се соодветни мерки и активности, документиран е случајот и на 26 јануари, по претходно обезбедена судска наредба, извршен е претрес во ова правно лице и притоа се одземени 247 вреќи со канабис, компјутерска опрема и друга документација поврзана со истрагата. Претходниот ден, исто така, е направен и претрес на правното лице од која е одземена документација“,
изјави Тони Ангеловски од МВР за сторијата на „360 степени“ емитувана на 2 февруари.
Одземањето на лиценцата следува откако пред месец и половина и премиерот Зоран Заев најави извештај од меѓуинституционалната комисија под Министерството за здравство, чија задача е да го следи издавањето лиценци и да го контролира производството на канабис.
Извештајот од оваа комисија, како што брифираа упатени, бил основа за одземање на одобрението за одгледување канабис на компанијата „5 летерс“, нешто кое сега се и официјализираше.
Целата сторија на „360 степени“ емитувана на 2 февруари можете да ја погледнете на линкот во продолжение.