ЦУК денеска расправаше за состојбата по обилните врнежи од дожд
По одроните на регионалниот патен правец Кочани – Делчево кои предизвикаат застој во сообраќајот на релација Делчево-Скопје, тој се пренасочува и тоа за лесни возила од Делчево и Македонска Каменица кон Скопје преку патниот правец Делчево – Бигла, додека за тешки товарни возила и автобуси сообраќајот е пренасочен преку патот Делчево – Берово.

Од делчевската подружница на ЈП „Македонија Пат“ информираат дека до отстранување на проблемот, возачите да користа алтернативните патни правци.
На опасност од одрони вчера и денеска предупредија и од Управата за хидрометеоролошки работи, како резултат на дождовите изминатите денови.
Исто така од УХМР предупредија и на можност од излевање на поголемите реки, но денеска од Центарот за управување со кризи смируваат дека нема опасност од поголеми поплави.
На денешната седница на Главниот штаб расправал и за справување со кризната состојба прогласена поради ковид-19.
Во однос на преземените активности во борбата против пандемијата, било истакнато дека преку координирани мерки и активности на субјектите во Системот за управување со кризи и со рационално искористување на расположливите национални ресурси ќе се обезбеди поголемо и сеопфатно дејствување во правец на превенција и спречување на ширењето на вирусот.
Оттаму информираат дека освен со Црвениот крст, во постојана координација се и со граѓанските организации со цел да се проширува фронтот за борба против пандемијата.
