Инаку, како што изјави вчера техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски за убиството на докторот, кој минатиот четврток доцна вечерта беше пронајден избоден во близина на поликлиниката „Железара“, приведени се вкупно три лица
На две од лицата, кои се приведени од полицијата во врска со убиството на 67-годишниот лекар пред една недела, синоќа им бил определен 48-часовен куќен притвор, информираат од републичкото јавно обвинителство.

Мерката е определена на барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи сè уште се работи на прибирање докази во врска со случајот.
„Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена“,
се вели во информацијата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Инаку, како што изјави вчера техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски за убиството на докторот, кој минатиот четврток доцна вечерта беше пронајден избоден во близина на поликлиниката „Железара“, приведени се вкупно три лица.
Дека се приведени две лица, Тошковски информира во средата вечерта во поткастот „Претрес“, додека вчера, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Босилово, соопшти дека е приведено уште едно лице.
„Значи, приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичката состојба. Штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде известена“,
рече тој.
Според техничкиот министер за внатрешни работи, преземени биле 20 истражни дејствија и за седум дена биле прегледани над 50 камери, односно видеозаписи.
„Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои нѐ водат до овие осомничени, две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија“,
вели министерот.

Според првичните наоди, Тошковски вели дека мотивот на убиството на докторот не е поврзан со професијата.
Пред неколку дена од Министерството за внатрешни работи рекоа дека истрагата е во напредна фаза, а биле извршени разговори со повеќе од 15 лица, а прегледани биле од 40 камери, вклучувајќи ги и тие на „Безбеден град“.
Матичните лекари во понеделникот од 12 до 16 часот привремено ги затворија своите ординации во знак на револт, но истовремено и почит кон нивниот колега.
Шеесет и седумгодишниот матичен лекар А. К. беше пронајден избоден до смрт во четвртокот доцна вечерта во неговиот автомобил „киа“ паркиран во близина на поликлиниката „Железара“. Неговото безживотно тело, како што информираа од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.