Меѓу нив е и таткото на Вања, Александар Ѓоревски, кого обвинителството го сомничи за помагање, односно дека дал информации за движењето на детето
Судија на претходна постапка им одреди по 30 дена притвор на четворицата осомничени за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓоревска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, по вечерашниот распит во Основниот кривичен суд Скопје.
Меѓу нив е и таткото на Вања, Александар Ѓоревски, кого обвинителството го сомничи за помагање, односно дека дал информации за движењето на детето.
Информацијата за определниот притвор ја потврдија од Јавното обвинителство, на чие барање се одредени притворите.
Од Кривичен засега нема официјално соопштение и тоа, со повеќе детали, се очекува во текот на денешниот ден (6 декември).
Четворицата осомничени вчера вечер, околу 20 часот беа спроведени на распит од Истражниот затвор „Скопје“ во Основниот кривичен суд. Првично на сите им беше одреден 48-часовен притвор.
При спроведувањето на осомничените, упадливо беше што сите четворица беа со избричени глави и во иста облека – комбинезони. „360 степени“ побара став од директорот на затворот во Шуто Оризари за изгледот на осомничените. Ова е неговиот одговор:
„Не се толерираат во истражниот затвор фризури за сторители на вакви тешки кривични дела и не се толерира облека со некакви ознаки на неа“,
ни изјави директорот на истражниот затвор Скопје, додавајќи дека затоа осомничените биле во комбинезони кои ги добиле во затворот.
Вчера доцна вечерта, речиси истовремено со вонредната прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на која меѓу другото соопшти дека за случајот со убиствата е поднесена кривична пријава која е на повеќе од 100 страници, од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против петтемина осомничени.
Тоа значи дека предметот напредува еден чекор и дека обвинителството е уверено дека има докази против осомничените, за случајот да премине од предистрага во истрага.
Првоосомничен е Љупчо Палевски-Палчо, кој по бегството од државата денеска е уапсен во Турција. Тој според кривичната пријава која МВР ја поднесе до Обвинителството е осомничен за кривичните дела грабнување и за убиство. Останатите се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а петтиот осомничен е таткото на Вања, Александар Ѓоревски.
Во соопштението на Обвинителството не беа наведени нивните имиња, ниту иницијали. Објаснето е само колкумина за какви дела се товарат.
„Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице“,
се вели во соопштението на обвинителството.
Како ги сториле делата од кои смртно настрадаа 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, Обвинителството и МВР веќе споделија на заедничка прес-конференција.
Во моментот на отворање на истрагата, соопштението на ОЈО Скопје само потврдува – која е главната теза која ќе се обиде да ја докаже. Дека Панче Жежовски бил киднапиран, а потоа и убиен, за да му го земат автомобилот марка Цитроен, возилото со кое пет дена подоцна ќе биде грабната следната жртва, Вања Ѓорчевска.
Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, веќе изјави дека тројца од осомничените веќе го признале делото. Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, според тоа што го има јавно соопштено истрагата, засега не признава дека го сторил делото за кое е осомничен. Првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо кој беше во бегство, дури по екстрадицијата ќе има можност да се изјасни по делата за кои се сомничи.
На него судот веќе му определи мерка притвор, која ќе се активира веднаш откако ќе биде донесен во земјава.