Судењето се одложи за 14 октомври. Во судницата денеска се појави само поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими, пренесува порталот „А1он“. Економскиот директор Артан Етеми не дојде оти има работни обврски, а покрај него не бил присутен и дежурниот лекар обвинет во случајот
Единствениот присутен обвинет, Бесими, пред медиумите изјави дека верува во судскиот систем и дека во текот на судскиот процес ќе се докаже вистината за трагедијата во модуларната болница
Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово, кој се случи пред една година и во кој животите ги загубија 14 луѓе, а кое требаше да почне денеска, е одложено за 14 октомври во 10 часот.
Причина за одложувањето на денешното рочиште, а со тоа и на почетокот на судскиот процес беше отсуството на дел од обвинетите за трагедијата.

Во судницата денеска се појави само поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими, пренесува порталот „А1он“. Економскиот директор Артан Етеми не дојде оти има работни обврски, а покрај него не бил присутен и дежурниот лекар обвинет во случајот.
Единствениот присутен обвинет, Бесими, пред медиумите изјави дека верува во судскиот систем и дека во текот на судскиот процес ќе се докаже вистината за трагедијата во модуларната болница.

„Сè што имам да кажам за овој судски процес, за трагичниот случај, ќе го кажам пред судот. Ве молам вие како медиуми и јавноста да го следите овој процес бидејќи јас сум убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистината и само вистината. И јас затоа сум тука денеска да ја кажам вистината и сакам истото да се обелодени што побрзо и да се дознае вистината за овој случај“,
рече Бесими.
Прашан дали се чувствува виновен за случајот, тој одговори: „Тоа ќе го кажам пред судот“, а потоа на инсистирање на медиумите кусо додаде: „Не!“
Инаку, на денешното рочиште неговиот адвокат побарал увид во доказниот материјал. Судијата Јордан Велковски, кој го води судскиот процес рече дека до следното рочиште, сите обвинети ќе можат да направат увид во доказите, за да нема нови одлагања.
Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница уследи односно беше закажано за денеска откако по повеќемесечна истрага Основното јавно обвинителство Тетово на 27 јули годинава до надлежниот суд поднесе обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.
Обвинети во случајот се поранешниот директор на болницата Флорим Бесими, поранешниот економски директор Артан Етеми и доктор кој раководел со ковид-центарот. Прво и второобвинетиот, како што велат од ОЈО Тетово, се товарат дека сториле по едно кривично дело тешки дела против општата сигурност, додека третиот е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Правното лице, пак, тетовската Клиничка болница се гони за две кривични дела – предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Во истрагата покрај обвинители од Тетово учествуваа и нивни колеги од Скопје, а за случајот беше побарана и меѓународна помош од германски експерти за вештачење. Исто така, имаше и вештачење од техничките факултет за електричната инсталација.
Во извештајот, пак, кој за околу еден месец по трагедијата го објави МВР се тврдеше дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилаторот со кој се вршела реанимација на пациент во една од собите. Прегревањето на кабелот, пишуваше во извештајот, предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел на кој покрај дефибрилаторот биле приклучени и полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември, минатата година. Огнот за неколку минути го проголта целиот објект. Животите ги загубија 14 луѓе, од 12 беа пациенти кои се лекуваа во ковид-болницата, а двајца беа роднини на хоспитализираните.