Трајчева и четворица на кои им истече мандатот аплицираа на конкурсот за нов мандат, а конкурираа уште петмина други обвинители. Меѓутоа, изборот од страна на Советот на јавни обвинители сè уште не е направен, со оглед дека дел од кандидати поднесоа приговори за оценувањето. Сега во тек е рокот за приговори за второто оценување кое го направила Русковска. Тој истекува денеска, а претседателот на Советот вели дека ќе почекаат и утре во случај некој од обвинителите да испратил приговор по пошта. Тој очекува дека испразнетите места може да се пополнат уште наредната недела
Денешното судско рочиште против ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест други лица во предметот „Софтвери“, повторно се одложи.
Причината за денешното одложување е што немаше претставник на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. На обвинителката Ивана Трајчева која го водеше овој предмет, како и на четворица нејзини колеги од ова обвинителство, им истече мандатот, а обвинителот што требало денеска да биде присутен е на службен пат во Грција.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, која ги соопшти причините за одложувањето, рече дека се надева оти Советот на јавни обвинители наскоро ќе избере обвинители.
„Денешното рочиште се одлага бидејќи од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција има барање за одлагање со известување дека јавниот обвинител има договорена работна средба надвор од државата. Се надевам дека Советот ќе даде придонес бидејќи е потребно да се избере јавни обвинители со оглед дека на дел им истече мандатот, а таков е случајот и со јавниот обвинител кој досега го застапуваше овој предмет”,
рече судијката.
Покрај на Трајчева, мандатот им е истечен на уште четворица нејзини колеги од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Конкурс за петте испразнети места од Советот имаше. Трајчева и другите четворица аплицираа на конкурсот за нов мандатот, а конкурираа уште петмина други обвинители. Меѓутоа, изборот од страна на Советот на јавни обвинители сè уште не е направен, со оглед дека дел од кандидати поднесоа приговори за оценувањето.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолески, во разговор со 360 степени објаснува дека приговорите биле прифатени и шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска, повторно ги оценуваше. Сега во тек е рокот за приговори за второто оценување кое го направила Русковска. Тој истекува денеска, а Јолески вели дека ќе почекаат и утре во случај некој од обвинителите да испратил приговор по пошта.
„Веќе в понеделник ќе можеме да закаже седница за во текот на наредната недела за да одлучиме за приговорите”,
вели Јолески.
Во случај Советот да не ги прифати овие втори приговори за оценувањето, ќе може да премине кон избор на обвинители за петте испразнети места, а доколку ги прифати приговорите тогаш Советот самиот ќе направи оценување.
Јолески нагласува дека ќе гледаат изборот да се случи што е можно поскоро за да не трпат обвинителствата, по можност уште наредната недела.
Обвинителката Трајчева, која е со истечен мандат, изминатиот месец не можеше сама да настапува и во другите предмети каде досега настапуваше, па во судот на рочиштата можеше да се забележи дека доаѓа на судење придружувана со уште обвинител кој има мандат.
Инаку, обвинението против Рашковски и уште шест други лица опфаќа набавки околу два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, а исто така и исплата на хонорари од кои, според обвинителството, ексгенералниот секретар на Владата дел зел за себе. Рашковски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари.
Претходниот обид за старт на судскиот процес беше на 25 јануари, но и тогаш се одложи затоа што една од обвинетите беше отсутна, но и бидејќи предметот се наоѓа во Апелацискиот суд во Скопје за одлучување по жалба на одбраната за замрзнување на имот и за жалба за издвојување докази.
Тогаш Рашковски во изјава за медиумите ги оспоруваше доказите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција при што ги оспоруваше пораките велејќи дека се незаконски извадени и најави интересно судење со коментарот „Холивуд да го режира ова не може да го направи“.
„Од тоа што јас можам да го кажам е дека ќе имаме навистина интересно судење, кое би требало во македонското правосудство, особено во делот на компјутерската форензика, која и тоа како е слабо применувана, да имплицира понатаму многу поквалитетен начин на прибирање на дигиталните докази. Срамота е на лица што немаат ниту познавања ниту лиценци ниту се вештачи да им се дава да буричкаат и да чепкаат по приватни податоци на лица на кои им се одземени телефоните итн.“,
рече Рашковски кој исто така тврдеше и дека не го зголемил имотот додека бил на функцијата.
Обвинителката Ивана Трајчева, пак, беше уверена дека има доволно докази со кои ќе ги докаже сите факти наведени во обвинението.
„Во суштина станува збор за докази од кои ќе се докажат сите факти наведени во диспозитивот на обвинителниот акт, за секоја постапка посебно, како и за хонорарците, а и за кривичното дело перење пари“,
изјави тогаш Трајчева.
Што содржи обвинението
Според соопштението што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави дента на поднесување на обвинението, случајот за Рашковски опфаќа активности околу два софтвери: едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација. Конкретно, опфатени се четири набавки и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Рашковски е првообвинет и му се става на товар дека во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 како генерален секретар извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари. Второ и третообвинетиот, како негови надворешни соработници, според Обвинителството, со умисла му помагале во повеќекратното извршување на кривичното дело злоупотребата на службената положба, четвртообвинетиот – сопственик и управител на фирма, пак, му помагал во една јавна набавка. Исто како и четвртообвинетиот, и другите обвинети се гонат за по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
Обвинителството тврди дека Рашковски давал насоки за изготвување на документацијата за тендерите за да упатуваат на конкретен патент и со учесниците во набавката комуницирал лично.
„Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17 474 137 денари (околу 284 000 евра)“,
соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција при поднесување на обвинението.
Во обвинението влегуваат и склучувања авторски договори со шесто и седмообвинетиот. Обвинителството тврди дека, иако поранешниот генерален секретар иако знаел дека тие не ги извршуваат работните задачи, тој им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа дел од парите му ги враќале во кеш.
На таков начин од буџетот биле „испумпани“ 1 320 000 денари (околу 21 500 евра). Оттука доаѓа и пресметката на Обвинителство дека, вклучувајќи ги и овие пари, заедно со тендерите, штетата што му била нанесена на буџетот изнесува 18 794 137 денари (околу 305 600 евра).
Според тогашното соопштение на Обвинителството, истрагата покажала и дека од јуни 2017 до почетокот на мај 2021, Рашковски пуштил во оптек 5 378 319 денари (87 500 евра), а за кои се тврди дека потекнуваат од кривично дело.
„Со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити“,
рекоа од Обвинителството.