Процесот на преговори со Европската Унија и прифаќањето на Преговарачката рамка е направено од страна на Собранието како врвно законодавно тело, претставнички дом на граѓаните. Прифаќањето на Преговарачката рамка беше направено со заклучоци во Собранието кои ја обврзуваат Владата и која било влада што ќе дојде да се придржува до заштитата на македонскиот јазик, идентитет и култура, за кои не постојат компромиси во преговорите, рече Ковачевски
Сè што е надвор од Преговарачката рамка со ЕУ е нејзино прекршување. Ова, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, го изјави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, прашан дали има „опции помеѓу“, како, на пример, политички заклучоци или политичка декларација на Собранието, која ќе биде донесена откако ќе бидат усвоени уставните измени и во која ќе пишува дека ако во текот на преговорите со ЕУ Северна Македонија биде повторно блокирана од Бугарија поради прашања поврзани со идентитетот, уставните измени можат да бидат реверзибилни, односно отповикани. Ова во контекст на инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се донесат сега, а да важат од моментот на влез на земјата во Европската Унија.

„Процесот на преговори со Европската Унија и прифаќањето на Преговарачката рамка е направено од страна на Собранието како врвно законодавно тело, претставнички дом на граѓаните. Прифаќањето на Преговарачката рамка беше направено со заклучоци во Собранието кои ја обврзуваат Владата и која било влада што ќе дојде да се придржува до заштитата на македонскиот јазик, идентитет и култура, за кои не постојат компромиси во преговорите“,
рече Ковачевски.
Прашан дали постои простор за повторување на дел од тие заклучоци во слична форма за да ѝ се удоволи на ВМРО-ДПМНЕ и партијата да смета дека издејствувала уште една гаранција, Ковачевски, осврнувајќи се на процедурата за носење уставни амандмани, рече дека веќе е прифатено барањето на ВМРО-ДПМНЕ да има завршни и преодни одредби во кои уставните измени влегуваат во сила во моментот на одржувањето на втората меѓувладина конференција.

„Тоа е во рамки на Преговарачката рамка или на корпусот документи, како што вие велите. Сè надвор од тоа е прекршување на Преговарачката рамка што ние ја имаме добиено од Европската Унија после 17 години чекање. Јас сметам дека сега е моментот да се обединиме, рамо до рамо, да ја донесеме оваа одлука заради иднината на сегашните и идните генерации“,
рече премиерот.