Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска со Орден за заслуги одликуваше две единици на Армијата кои дале придонес во справувањето со последиците од пандемијата со ковид-19 во земјава. Орден за заслуги доби Баталјонот за воена-медицинска поддршка од логистичката база при Армијата на Република Северна Македонија, за, како што истакна Пендаровски, несебичната поддршка на останатите институции при справување со коронавирусот.
„Баталјонот за воено-медицинска поддршка, освен што секојдневно се грижи за здравјето на припадниците на Армијата, ја стави својата болница на располагање на Клиниката за Инфективни болести и ангажираше медицински персонал за поддршка на Ковид-центарот во болницата ‘8 Септември’“,
кажа претседателот Стево Пендаровски.
Орден за заслуги доби и Третиот пешадиски баталјон од првата пешадиска бригада од командата за операции при Армијата, кои освен поддршката во кризните жаришта од коронавирус, ја обезбедуваа и јужната граница за време на мигрантската криза.
„Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции од Тетово имаше успешна мисија во прогласените кризни региони во општините Дебар и Центар Жупа“,
кажа шефот на државата.
Во обраќањето, претседателот Стево Пендаровски кажа дека Армијата не ја чинат објектите, туку луѓето.
„Покрај нивниот ангажман во мирнодопски услови во земјава и во меѓународни мисии, овие две единици и во услови на прогласена вонредна состојба, даваа голема поддршка на други институции, особено на министерствата за здравство и за внатрешни работи и на единиците на локална самоуправа. Преку одликувањето на овие две единици, симболично им оддаваме признание и на сите припадници на Армијата кои изминативе месеци беа ангажирање во справување со последиците од пандемијата“,
рече шефот на државата.
Орден за заслуги доби и Канцеларијата за соработка во одбраната на САД за континуираната поддршка и помош во процесот на јакнење на капацитети и стандардите на Армијата на Република Северна Македонија.
„Во остварување на нашата стратешка цел, секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите – членки на НАТО. Меѓу нив, посебно место има поддршката на Соединетите Американски Држави. Од независноста до денес, САД континуирано ни помагаат да изградиме стабилна, сигурна и просперитетна армија и држава“,
кажа Пендаровски.
Одликувањето е на Денот на Армијата, чие обележување почна во 10 часот со почесна артилериска стрелба и со интонирање на македонска химна, на химната на НАТО, како и на химната на АРМ.
Со едноминутно молчење присутните им оддадоа почит на сите загинати и починати борци за слободата на државата, на загинатите и починатите припадници на Армијата, како и на сите жртви од ковид-19 во земјава и во светот.
Свеченоста се одржа согласно Протоколот за заштита од заразни болести за одбележување државни празници, а меѓу гостите беа премиерот Оливер Спасовски, како и претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор.
*поврзана вест: Армијата добива полициски надлежности во вонредната состојба
*поврзана вест: Што е кризна состојба и што ќе значи за Дебар и Центар Жупа?
*поврзана вест: (ВИДЕО) Армиската мобилна болница пред првиот предизвик – не во војна, туку во борба со коронавирусот