Тој не ја коментираше ниту најавата дека актуелниот градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ќе биде претседателски кандидат на опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“. Рече дека каков било коментар од негова страна за ова прашање би бил излишен
Премиерот на техничката влада Талат Џафери денеска одби да одговори на прашањето дали Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе номинира свој кандидат на претстојните претседателски избори на 24 април, велејќи дека не е на него да коментира партиски одлуки бидејќи тој не е претставник на ДУИ, туку на Владата.
Прашан за можната кандидатура на ДУИ на претседателските избори, Џафери ги упати новинарите одговор да бараат кај лидерот на партијата, Али Ахмети во партиското седиште во Мала Речица.
„За тоа прашање ќе си одите до Речица и ќе седнете со лидерот да разговарате. Јас сум премиер и ја претставувам Владата, а не Демократската унија за интеграција“,
рече кусо Џафери одговарајќи на новинарски прашања по посетата на градинка во Општина Липково.
Тој не ја коментираше ниту најавата дека актуелниот градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ќе биде претседателски кандидат на опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“. Рече дека каков било коментар од негова страна по однос на ова прашање би бил излишен.
„Не чувствувам потреба да коментирам одлуки на политички партии. Така што, сувишен би бил каков било коментар од моја страна“,
изјави тој.
Дел од медиумите, повикувајќи се на партиски извори, вчера неофицијално објавија дека ДУИ ќе оди со свој кандидат во првиот круг од изборите за шеф на државата, но засега нема официјална потврда на таквите наводи.
Во меѓувреме, коалицијата „Европски сојуз за промени“ донесе конечна одлука дека актуелниот градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ќе биде нивни претседателски кандидат.