Едно тутунарско семејство има 136 евра помалку од тоа што му е потребно за да преживее на месечно ниво, ако просекот е 552 евра според вредноста на минималната потрошувачка кошничка за април 2021 година
Еден тутунар има просечен месечен приход од 416 евра, додека на четиричлено семејство му се потребни просечно по 552 евра за покривање на основните месечни трошоци, според информациите за вредноста на минимална потрошувачка кошничка за домаќинствата во април 2021 година. Според тоа, едно тутунарско семејство има 136 евра помалку од тоа што му е потребно за да преживее месечно.
Ова се дел од заклучоците од денешната онлајн тркалезна маса запПрезентација на резултати од прва студија „Производство на тутун и ефектите од субвенциите за тутун во РС Македонија“.
Според Бојана М. Христовска од „Аналитика“, и покрај високите субвенции за тутун во државава бројот на тутунари и производство на тутун се намалува.
„Проблемот е што постојаното зголемување на субвенциите за тутун ги мотивира тутунарите да одгледуваат повеќе тутун за да добијат повеќе субвенции, иако не се сигурни дека ќе можат да го продадат произведеното количество. Ова нарушување често генерира големи количества вишок на тутун, што ги намалува цените“,
потенцира Христовска.
Таа додаде дека и покрај големите субвенции, одгледувањето на тутун е во опаѓање, а приходот што го произведува е недоволен.
„Бројот на одгледувачи на тутун бележи опаѓачки тренд, почнувајќи од 2010 година. Во 2020 година бројот на одгледувачи на тутун (19 702) е помал од половина од одгледувачите на тутун во 2010 година (42 622). Овој период се карактеризира со широка миграција од село во град и напуштање на одгледувањето тутун, бидејќи тоа е исклучително трудоинтензивно. Помладите генерации не се особено заинтересирани за одгледување на тутун и се преориентираат кон други професионални активности,
оцени таа.
Универзитетскиот професор Борче Треновски, пак, смета дека Владата треба да работи на едукација и информирање на тутунарите во земјава за потребата од пренамена кон други култури и упатува на спроведување на анализи кои ќе упатат кон наоѓање на култури кои генерираат висока вредност и би можеле да помогнат да се замени тутунот.
„Помалку одгледување на тутун значи помалку исплати на субвенции за тутун, а разликата може да се распредели за инвестирање во култури со повисока вредност“,
вели Треновски, укажајќи на фактот дека глобалната побарувачка за цигари се намалува а дека и земјава се соочува со тој тренд.
Анализите спроведени од „Аналитика тинк-тенк“ заедно со Универзитетот „Илиноис“ од Чикаго покажуваат дека 30 проценти од интервјуираните производители на тутун се подготвени да го пренасочат своето производство во согласност со барањата што може да се јават за време на процесот на пристапување во ЕУ.
Податоците на Министерството за земјоделство покажуваат дека тутунот сочинува 20,4 проценти од вкупната извозна вредност на земјоделски и прехранбени производи.