Адвокатите на одбраната ја оспоруваат правната квалификација на кривичното дело, односно дека станува збор за убиство со умисла. Тие на денешната јавна седница во Апелацискиот суд Скопје, образложувајќи ги своите жалби на првостепената пресуда, рекоа дека таа е неоснована и посочија на суштествена повреда на одредбите од Законот кривична постапка, повреда на Кривичниот законик, погрешно утврдена фактичка состојба, како и на одлуката за кривичната санкција
На јавна седница која денеска се одржа во Апелацискиот суд Скопје бранителите на тројцата обвинети за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот ги образложија жалбите на првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која обвинетите беа осудени на долгогодишни затворски казни. Адвокатите на сите обвинети од второстепениот суд бараат повторување на постапката, односно враќање на предметот на повторно судење. Тие сметаат дека првостепената пресуда е неоснована, а како аргументи посочија на – суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на Кривичниот законик и одлуката за кривичната санкција.

Со првостепената пресуда највисоки казни од 18 години затвор беа осудени 28-годишниот Анџело Ѓоргиевски и 19-годишната Клементина Левковска, додека нејзиниот врсник Адреј Костовски доби две години помалку, односно беше осуден на 16 години затвор.
Бранителот на обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, Иле Танев, на јавната седница рече дека наведените мотиви за убиството не може да опстојат бидејќи немало никакво познанство помеѓу обвинетиот и оштетениот.
„Во една ваква состојба не постои никаква умисла. Го оспоруваме делот дека Судот прифаќа дека кај тројцата обвинети се вродила некаква умисла да сите тројца го сторат ова кривично дело“,
рече Танев, пренесува МИА.
Според него, исто така не се земени предвид околностите што им одат во корист на обвинетите. Овде тој ги наведе расправијата во такси-возилото, начинот на настаната ситуација и тоа што неговиот клиент Анџело Ѓоргиевски му давал прва помош.
Адвокатот, како околност во целиот случај ја наведе и алкохолизираната состојба во која бил ракометарот критичната вечер.
Бранителот на Клементина Левковска, адвокатот Бојан Василевски, по завршувањето на седницата во Апелацискиот суд Скопје за медиумите изјави дека очекуваат жалбите да им бидат уважени.
„Очекуваме дека првостепената пресуда ќе биде укината и дека ќе одиме на повторно судење. Сите бранители со жалбата ја побиваме пресудата по четирите основи. Сметаме дека има суштествени повреди на постапката, дека не е целосно утврдена фактичката состојба, дека е повреден Кривичниот законик, практично по сите основи“,
изјави Василевски.
Адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на обвинетиот Андреј Костовски, изјави оти смета дека во конкретниот случај е спорна правната квалификација за сите обвинети и дека кривичното дело не може да се квалификува како убиство и соизвршителство.
„Сметам дека во конкретниот случај е спорна правната квалификација за сите обвинети дека може да стане збор за убиство. Конкретно во однос на мојот клиент единственото дејствие е во предлот на десната страна на градниот кош каде нема модринка, нема знаци на повреда, а тоа е единственото дејствие кое го врзува како соизвршител во кривично дело убиство. Затоа сметам дека во однос на него не може да биде таа правна квалификација“,
изјави Миланов по завршувањето на јавната седница во Апелацискиот суд.

Обвинителството, од друга страна, предложи жалбите да се одбијат како неосновани бидејќи, според нив, фактичката состојба е правилно утврдена.
Хрватскиот ракометар Денис Тот почина на 8 април лани откако според обвинителниот акт вечерта претходниот ден, односно на 7 април, тој беше претепан од Ѓоргиевски, Левковска и Костовски пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.
Судскиот процес во Основниот кривичен суд Скопје почна на 5 септември лани, со воведни зборови на Обвинителството и одбраната.
Обвинителката од ОЈО Скопје, Тања Трајчевска, тогаш го опиша кобниот настан, при што посочи дека расправијата на тројцата обвинети со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според Обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.
Судскиот процес траеше помалку од три месеци. На 30 ноември 2022 година, судечкиот совет со кој претседаваше судијката Елена Илиевска – Јосифовиќ ја изрече пресудата со која тројцата обвинети беа осудени на високи затворски казни. Висината на казните од 18, односно 16 години затвор предизвика реакции кај роднините на обвинетите.
Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ при читањето на пресудата тогаш наведе дека одбраната оспорувала дека во овој случај станува збор за убиство со умисла, меѓутоа, како што рече, обвинетите биле свесни за последиците, за што како пример и отежнувачка околност наведе дека Анџело и Андреј сокриле и од Брзата помош дека му задале удари на Тот.
Како најверодостојни докази таа ги спомена снимките од безбедносните камери од ноќниот клуб и од системот „Сејф сити“ на кои посочи дека јасно се гледаат дејствијата на обвинетите. Судијката потсети и на сведочењата што можеа да се слушнат во текот на судскиот процес, а за дел од нив – за другарите на обвинетите – наведе дека Судот не им придава целосна верба бидејќи тие се блиски, се знаат од детство и може да бидат пристрасни за да им ја олеснат положбата.
Покрај затворската казна, Судот со првостепената пресуда определи и надомест на штета за семејството на убиениот ракометар, и тоа по 9 милиони денари (околу 145 000 евра) за мајката и таткото и 8 милиони денари (околу 130 000 евра) за братот на Денис Тот. Солидарната надомест треба да се исплати во рок од шест месеци откако пресудата ќе стане правосилна.