Во отсуство на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во Апелацискиот суд во Скопје, во тек е јавна седница за жалбите за пресудата за случајот „Рекет“, со која таа е осудена на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Јанева, која се наоѓа во домашен притвор во Гевгелија, како што информираа на седницата, не дошла од здравствени причини, но дала писмена согласност седницата да се одржи во нејзино отсуство.
За разлика од неа, Бојан Јовановски-Боки 13 дојде на јавната седница. Тој е осуден на 9 години затвор за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
Откако беше прочитана пресудата од Кривичниот суд, одбраната на Боки прва почна да ја образложува жалбата, а потоа истото треба да го направат и адвокатите на Катица Јанева.
И едната и другата одбрана бараат да се поништи пресудата од Кривичниот суд и предметот да се врати на повторно судење.
Немањето докази и вештачење, суштествени повреди во постапката, се дел од аргументите на одбраната на Јовановски.
„Дали може ваква една пресуда да се заснова на исказ на двајца сведоци, кои ниту се јасни ниту категорични? Кога ќе ја анализирате пресудата, ќе видите дека после секој доказ се вели дека покрај доказот што го ценеше судот, се тргна и од јасниот и категоричен исказ на Орце Камчев и неговата сопруга Ана. Дали може ваква пресуда да се заснова само на тоа? Не може да се бара, кога обвинителството не доставува докази, тоа да го направи одбраната. Обвинителството е тоа што треба да ја докаже својата теорија на случај“,
рече адвокатот Сашко Дукоски, кој е бранител на Јовановски.
Одбраната нагласи дека бизнисменот Орце Камчев нема статус на оштетен, иако предметот се однесува дека од него биле земени 1,5 милион евра со цел тој да добие повластен третман во случајот „Империја“ каде што е осомничен.
„Баш ме интересира дали вие како искусен совет во Апелација досега сте сретнале некое лице да даде наводно милион евра и да нема статус на оштетен? Тој се обиде да се вметне како оштетен, но тоа не се случи“,
рече Дукоски.
Тој ги анализираше и снимките што се појавија во италијанскиот весник „Ла Верита“, каде што се гледа како Боки и Зоран Милески-Кичеец од домот на Камчеви излегуваат со чанта „луј витон“ за која се тврди дека била полна со еден милион евра.
„Кога излегува Кичеец надвор и кога ја префрла чантата од една во друга рака таа е полесна од еден лист хартија. Камчев вели дека 80 отсто од парите биле во банкноти од по 50 евра. Ако е така, милион евра во апоени од 50 евра тежат 22,5 килограми. Дали тоа на снимката ви изгледа како да тежи 22,5 килограми? Истото важи и за Ана Камчева, која полна со себе кажуваше дека во несесер дала 350 000 евра, исто во ситни банкноти“,
рече Дукоски.
Дукоски потенцираше дека неговиот клиент од една страна се претставува како личност без работа и со блокирана сметка, а од друга страна, пак, имал претпоставено влијание врз специјалната јавна обвинителка.
„Кој е тој? Бил Гејтс ли е, Путин ли е, па да има претпоставено влијание врз Катица Јанева“,
рече Дукоски.
Адвокатот ги потенцираше и временските дејствија, односно тоа што Врховниот суд на 31 јануари 2019 година донесе начелно правно мислење дека СЈО не е овластен тужител за предметите отворено по фамозниот рок од 18 месеци, а наводното давање на парите е во февруари 2019 година.
„Будала е Орце Камчев да дава 1,5 милион евра за нешто што знае дека ќе се случи и ќе излезе од притвор со решение на Врховниот суд?“,
рече бранителот на Боки.
Адвокатот потсети и дека во снимки што излегоа во јавноста се слуша како и самиот Камчев кажува дека него го пуштил Врховен, а не Катица.
На седницата е присутен и обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое го застапуваше случајот пред првостепениот суд, исто така испратиле жалба со која бараат повисоки казни.
По денешната седница, Апелација ќе треба да се произнесе за предметот, односно може да ја потврди пресудата, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно судење.