„Постигнат е договор со менаџерскиот тим на ‘ЖРСМ Транспорт’ за исплата на вториот дел од платата за јуни“, изјави Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал, откако сообраќајот беше во прекин од 13 часот поради бојкот на вработените поради неисплатена плата
Железничкиот сообраќај во државава ќе се нормализира вечерва во 20 часот откако претставниците на машинскиот извршен персонал и на раководството во „ЖРСМ Транспорт“ доцна попладнето постигнаа договор за исплата на вториот дел од платата за јуни и за старт на преговори за измени во актот за систематизација, потврди за МИА, Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал.
Сообраќајот, што е во прекин од 13 часот кога вработените стапија во бојкот, според најавите на Димовски, ќе се нормализира со возот за Битола 645 во 20:05 часот.
„Постигнат е договор со менаџерскиот тим на ‘ЖРСМ Транспорт’ за исплата на вториот дел од платата за јуни во петок, како и да почнат преговори за доставените барања за изменување и дополнување на систематизацијата со што ќе се зголеми коефицинетот на сложеност за машинскиот извршен персонал, а можно е и за сите вработени“,
изјави Димовски.
Во текот на неколкучасовниот прекин на железничкиот собраќај не се реализираше движењето на два патнички воза од Скопје за Битола и за Гевгелија, додека од товарните немаше откажување.