Автобусите на ЈСП „Скопје“ од утре ќе почнуваат да сообраќаат од 5 часот со оглед на најновата одлука на Владата за забрана за движење на населението од 21 до 5 часот наместо до 6 како во изминатиот прв ден од полицискиот час.
Како и во изминатите денови од прогласувањето на вонредната состојба, автобусите од градскиот превоз ќе сообраќаат по саботен возен ред.
„Одлуката ќе важи сѐ до наредните препораки, согласно со препораките и преземените мерки на Владата на РСМ за превенција од ширење на коронавирусот“,
соопшти Јавното сообраќајно претпријатие.
Владата вечерва донесе одлука за измени и дополнувања на одлуката за ограничување на движењето на граѓаните на целата територија во земјата.
„Забраната за движење за сите граѓани од 21:00 до 06:00 часот, се заменува со ограничување на движењето од 21:00 до 05:00 часот заради гужвите што се создадоа во јавниот превоз и заради потребата на граѓаните да стигнат на работните места во утринските часови“,
соопшти Владата.
Дополнително, донесена е одлука да се забрани движењето на граѓаните над 67 години од 11:00 часот до 05:00 часот следниот ден, како и ограничување на движењето на младите до 18 години и за нив забраната за движење ќе започнува во 21 часот и ќе трае до 12 часот наредниот ден.
Новите одлуки за ограничување на движењето ќе важат од 24 март 2020 година.