Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок, велат од МВР
Владата на седница денеска ќе го разгледува проблемот кој настана со издавање на патните исправи со новото уставно име на државата, а се очекува да се донесат конкретни мерки кои би го забрзале процесот
Од утре граѓаните повеќе нема да можат да се фотографираат за лични документи во пунктот во полициската станица „Пролет“ без закажан термин, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму велат дека овој пункт се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние што имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година.
„Трансформацијата се прави со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок“,
се вели во соопштението од МВР.
Според МВР, ослободените термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации.
„Од утре во склоп на пунктот во ПС Пролет ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена“,
велат од МВР.
Во наредните денови, како што соопштија од МВР, закажувањето на термини ќе биде само телефонски, а закажувањето преку интернет нема да биде можно поради технички причини.

Со денови пред пунктот во полициската станица Пролет, граѓаните со часови чекаа во редот за фотографирање за лични документи. Многу често се случуваше редот со часови да стои во место, бидејќи никој не ги повикуваше граѓаните внатре.
Овој пункт беше отворен со цел да се растовари процесот, зашто термини за фотографирање за нови лични документи граѓаните не можеа да добијат навреме. Со завршената ревизија на телефонските пријави за фотографирање било утврдено дека дури 30 илјади биле фиктивни што претставуваат голема кочница во процесот.
Пред неколку дена, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека граѓаните кои се надвор од државата, а кои имаат пасош со Република Македонија, треба да бидат во комуникација со Министерството за надворешни работи или со дипломатско-конзуларните претставништва за да добијат насоки како по 12 февруари ќе може да се вратат во земјата.
„Во Министерството за надворешни работи има отворено 24-часовна телефонска линија и дежурна екипа во Министерството ги прифаќа тие повици. Нека се јават, ние ќе ги упатиме, ќе им кажеме што треба да направат за да можат да се вратат. Такви повици веќе има, но очекуваме да се зголемат како што се приближува рокот“,
рече Османи.
Тој потврди дека од 12 февруари патните документи со старото име нема да важат и, како што рече, Грција ги има информирано сите држави дека тој пасош е неважечки.
Се очекува Владата на седница да го разгледува овој проблем, како и да се донесат конкретни мерки кои би го забрзале процесот.
Премиерот на преодната Влада Талат Џафери во интервју за МИА рече дека на денешната седница ќе се реферира по однос на гледиштата и она што сметаме дека е изводливо, би било како одлука конечна како би се спровело, а она што би сметале дека е не спроводливо ќе треба да најдеме алтернатива кое би било решението.
„Под услов да имаме државјанин на оваа држава без ниеден документ надвор, а да се изјасни дека сака да дојде во државата – државата има уставна обврска да му обезбеди враќање во државата. По однос на потребите внатре, Тие што планираат да патуваат навремено треба и да си одат пред органите на државата. Извадив една статистика, од прилика 10 илјади луѓе дневно имаат барања по однос на сите документи – лични карти, пасоши, возачки, сообраќајни, на ниво на државата. Затоа не е пречка доколку некаде во едно подрачје е преизразена бројноста на баратели организациски институцијата треба да се постави да води евиденција и ред во смисла граѓаните да не чекаат редови на една точка, а другата точка да е празна цел ден. Да ги упатат граѓаните во соседната точка на апликација односно на поставување и извршување. Скопје, на пример, има шест пункта. Ако Кисела Вода е толку наплив, а во Бутел или во Гази Баба која што е соседна или Центар тој што води постапка на пунктот треба да ги упати граѓаните“,
вели Џафери.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски најави и дека во наредниот период ќе бидат отворени нови пунктови, а ќе биде воведено и двосменско работење.
По 12 февруари старите патни исправи ќе бидат неважечки за надворешна употреба согласно Преспанскиот договор.
За домашна употреба по тој датум ќе продолжат да важат личните карти и возачките дозволи.