Во пет здравствени институции во градовите од внатрешноста од утре ќе се врши тестирање за коронавирус со брзи антигенски тестови, најави Министерството за здравство.
Тестирања ќе се вршат во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и во Општата болница во Кичево.
„Лаборанти од овие установи мината недела беа на обука во Скопје, а во текот на неделата ќе продолжат обуките на лаборанти од други градови низ државата, за во најкраток можен рок брзите тестови да им бидат на располагање на матичните лекари на територија на цела држава“,
велат од Министерството.
Брз тест, потсетуваат здравствените власти, може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има симптоми на вирусот ковид-19, не повеќе од 5 дена. Алгоритмот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација (СЗО), а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали тој ќе се тестира со ПЦР-тест или антигенски – брз тест.
Во Скопје веќе се применуваат овие брзи тестови, а според податоците од Министерството за здравство, изминатата недела на шесте пункта во поликлиниките во Чаир, Ченто, Ѓорче Петров, Бит Пазар, Млин Балкан и Јане Сандански, направени се 1 138 теста, од кои 398 биле ковид-позитивни.