Инспекторите веруваат дека тој дејствувал сам и додаваат дека тие не виделе никакви индикации дека Крукс има проблеми со менталното здравје
Крукс бил регистриран да гласа како републиканец во округот Алегени, Пенсилванија, според евиденцијата на гласачите во округот. Неговиот статус на регистрација на гласачите е активен од 2021 година

Тивок, срамежлив, прилично паметен кој не зборувал многу се само дел од коментарите за Томас Метју Крукс од Бетел парк, Пенсилванија кого ФБИ го идентификуваше како личност која стои зад обидот за атентат на поранешниот американски претседател и кандидат за нов мандат Доналд Трамп.
Крукс е роден на 20 септември 2003 година и според записите на државниот суд кои ги пренесуваат странските медиуми, за него нема криминално досие во Пенсилванија, ниту пак бил тужен таму. За него немало записи ниту во базите на податоци на федералните судови.
Младиот Крукс работел како помошник за исхраната, работа која генерално вклучува подготовка на храна во Центарот за квалификувани медицински сестри и рехабилитација во паркот Бетел, кој се наоѓал на помалку од една милја од неговиот дом.
Според евиденцијата на гласачите, како што пренесува „УСА тудеј“ домашната адреса на Крукс е наведена во Бетел парк, предградие во близина на Питсбург. На адресата има куќа од тули со три спални соби и е во сопственост од 1998 година на Метју и Мери Крукс, кои се чини дека се негови родители.
Бетел парк е предградие на Питсбург и дом на повеќе од 32 000 луѓе.
Опишан е како шармантно место подалеку од метежот и вревата на големиот град на неговиот север, Бетел парк може да се пофали со улици со дрвореди, пријателски населби и ниска стапка на криминал.
Бетел парк е на околу околу 60 километри јужно од местото каде што се одржувал митингот на Трамп.
Соучениците на Крукс шокирани и изненадени
Томас Крукс пред две години завршил во средното училиште Бетел Парк во кое се запишуваат околу 1 300 ученици годишно.
Според пишувањата на „УСА тудеј“, кои разговарале со дел од соучениците на Крукс, тој е опишан како тивок и срамежлив, прилично паметен и оти ретко зборувал.
Џејсон Колер, кој одел со Крукс во средното училиште Бетел Парк вели дека се сеќава дека тој седел сам на ручек и бил „малтретиран секој ден“ поради неговото тивко однесување.

Соученикот на Крукс од 5 до 12 одделение, Шон Екерт вели дека тој иако бил „прилично паметен“, бил тивок и ретко зборувал, се додава во написот на „УСА тудеј“.
Екерт додава дека Крукс нема многу пријатели. Тој не се сеќава дека Крукс играл некој спорт, бил вклучен во клубови или студентски групи или дека одел на популарни настани во кампусот. Често носел ловечка облека, па Екерт претпоставувал дека лови.
Екерт, а и останатите кои оделе во средното училиште со Крукс, биле шокирани што некој од нивниот град го направил ова, а уште повеќе се изненадени што тоа бил Том Крукс.
Џим Кнап, кој работел како училиштен советник во средното училиште „Бетел Парк“ во 2022 година, рече дека Крукс отсекогаш бил тивок, почитуван и се држел до себе, иако имал малку пријатели.
„Ретко налетував на Крукс бидејќи не беше проблематично дете. Крукс беше задоволен што повремено ручаше сам во училишната кафетерија“,
вели Кнап.
Кнап раскажува дека никогаш не знаел оти Крукс на кој било начин е политички ориентиран, дури и кога другите деца понекогаш носеле облека на Трамп или Бајден.
Марси Грим, администратор на објектот каде што работел Крукс, вели дека е „шокирана и тажна кога дознала за неговата вмешаност“.
„Томас Метју Крукс ја извршуваше својата работа без проблеми. Во овој момент целосно соработуваме со службениците за спроведување на законот. Поради истрагата која е во тек, не можеме да коментираме повеќе за какви било специфики. Ги осудуваме сите дејствија на насилство“,
вели таа за „УСА тудеј“.
Регистриран како републикански гласач
Овој ноември, за Томас Метју Крукс требаше да бидат првите претседателски избори на кои ќе можел да гласа.
Крукс бил регистриран како републикански гласач во округот Алегени, Пенсилванија, според евиденцијата на гласачите во округот. Неговиот статус на регистран гласач е активен од 2021 година.
Дваесетгодишникот веќе покажал потенцијални знаци на интерес за политика, давајќи мала политичка донација како тинејџер и регистрирајќи се да гласа само една недела откако наполнил 18 години.
Си-ен-ен пренесува дека според записите на Федералната изборна комисија тој е млад регистриран републиканец кој претходно имал мали придонеси за група наклонета кон демократите.
Според Си-ен-ен, записите на Федералната изборна комисија покажуваат дека донатор наведен како Томас Крукс со иста адреса дал 15 долари на политички акционен комитет поврзан со демократите во јануари 2021 година.
Двајцата родители на Крукс работеле како социјални работници. Неговиот татко е регистриран гласач како либерал, а неговата мајка е регистрирана како демократ, пренесува Си-ен-ен.
Истрагата е во тек, мотивот се уште е непознат
Агентите на ФБИ, како и поранешните соученици на Крукс, сè уште се обидуваа да ги откријат неговите мотиви, пишува Си-ен-ен.
Кевин Роџек, специјален агент задолжен за теренската канцеларија на ФБИ во Питсбург, вели дека ФБИ работи на пристап до телефонот на Крукс.
Инспекторите веруваат дека тој дејствувал сам, рече Роџек, додавајќи дека тие не виделе никакви индикации дека Крукс има проблеми со менталното здравје.
„Работиме напорно за да го одредиме редоследот на настаните поврзани со субјектот и неговите движења во часовите, деновите и неделите пред пукањето“,
рече Роџек, притоа истакнувајќи дека сè уште се на почетокот на истрагата.
Роџек потврдил дека оружјето што го користел Крукс било легално купено. Според официјални лица за спроведување на законот, пиштолот бил проследен до таткото на Крукс, што помогнало да се утврди идентитетот на напаѓачот бидејќи тој не носел идентификација.
Портпаролот на Тајната служба Ентони Гуглиелми изјави дека Крукс бил позициониран на покривот на повеќе од 100 метри од местото на митингот.
Претставниците на ФБИ објавија малку дополнителни информации, велејќи дека нивната истрага останува активна и во тек. Тие не посочија ниту кој може да биде мотивот на Крукс.
Томас Метју Крукс во саботата испукал повеќе куршуми кон поранешниот претседател Доналд Трамп кој таа вечер имаше митинг.
Еден куршум го погодил Трамп во горниот дел од десно уво, што му предизвика мало крварење, но без сериозни повреди. Еден учесник на митингот беше убиен во пукотницата, а двајца други беа „критично повредени“, соопштија властите подоцна. Крукс потоа беше убиен од агенти на Тајната служба, соопштија властите.