Дали знаете што е смомби ?
-Не,прв пат слушам.
-Знаете што е смомби ? Не
-Знаеш што е смомби? Не.
-Знаете што е смомби? Не.
-Дали знаете што е смомби? Не.
Иако повеќето од луѓето што ги анкетиравме држеа мобилен в рака, не знаеја дека „смомби“ е израз-кованица од зборовите „смартфон“ и „зомби“.
Терминологија за зависноста од „паметни уреди“ развива и медицината. Еден од нив е „номофобија“, кратенка од фобија од немање телефонот. Симптомите за болеста се:
Симптоми за „номофобија“
Чувство на паника или очај кога лицето ќе се раздвои од паметниот телефон, неможност за фокусирање, разговори и работа како и постојано проверување на телефонот за известувања.
Генерално, станува збор за зависност од интернет, бидејќи на паметните уреди се гледа како на алатка за наједноставен и најбрз пристап до светската мрежа.
Западно-европските земји и САД работат силно на превенција. Меѓу другото, ги учат родителите да не бараат спас во „паметната“ технологија кога ги растат децата, бидејќи лесно може да направат од нив неспособни возрасни луѓе.
Докторите во Македонија се запознаени со научните истражувања, како она на Американската академија на педијатри, според кое, бебињата што родителите ги смируваат со мобилен телефон имаат тешко поправливи последици, особено во говорот. Советуваат: до 18-месечна возраст детето да не гледа во екран.
„Децата примаат само дразби од екраните што во моментот се поразителни факти како развојот на децата во говорот заостанува. Многу често слушаме англиски јазик, првиот јазик што децата го прозборуваат е англискиот јазик, точно од тие дразби, тие деца се изложени минимум 2 часа пред екраните и примаат аудио-дразба на не-мајчиниот јазик. Денес на едно дете да му дадете смартфон, можеби, знае подобро од мене да го работи, тие се патерни на однесување – така и на тој начин го учат јазикот. Комуникацијата за едно дете да комуницира со останатите е потребна интеракција односно да има контакт, интеракција со жива личност. Последиците, верувајте, се страшни, затоа што има деца до втората година не кажуваат ништо, не развиле никаков говор“, вели Бранкица Митрески-логопед.
За ограничен пристап до технологијата во раното детство е и психологот Мирјана Јовановска. Таа вели дека паметните уреди создаваат проблем и во емотивниот развој.
„Виртуелната реалност може многу лесно на детето да му заличи како нешто што навистина му е потребно и што е тука за него. Во суштина, сите деца имаат потреба да бидат сакани, да бидат прифатени, некој да биде тука за нив, да води грижа за нив. Кога нешто од тоа недостасува во нивниот живот, тие лесно стануваат зависни од виртуелната реалност каде што можат да си го претстават тоа преку некоја поинаква реалност, поинакво дружење, во која можат да бидат она што сакаат, да добие тоа што сака. Така што ние како родители треба да водиме грижа за тоа колку децата ќе останат таму, што прават кога ги користат тие уреди, а детето што повторува прво одделение заради тоа што толку многу останува на таблет или компјутер одново јас ќе прашам каде се родителите тука“, вели Мирјана Јовановска Стојановска-психолог.
Не помалку важни се и ризиците на кои предупредува д-р Аспазија Софијанова. Дигиталната дрога, како што ја нарекува, смета дека е опасна за сите, а особено за сите лица помлади од шеснаесет години.
„Стимулирањето на одредени делови кои што се врзани со долгото гледање, сето тоа го покренува по што се е врзано со централниот нервен систем со мозокот, значи долгото гледање, долгата светлина која што е и зрачењето исто така влијае пак на мозокот. Од мозокот се диригираат сите да кажам останати функции во организмот и притоа може да дојде до тригерирање, до одредени работи кои понатаму може да дојдат до развивање на предиспонирани пациенти кон шеќер, одредени да не речам дури и малигни болести, така што мораме да внимаваме, пак ќе речам, сето тоа бидејќи е врзано со окото, со слухот, значи видот и слухот, а тоа е поврзано со мозокот, а мозокот пак ги поврзува останатите органи во организмот, мора да се внимава, бидејќи сепак одредени студии велат дека преголемата употреба на тие ИТ-технологии можат да влијаат и негативно во појава на одредени болести кои се диригирани од страна на мозокот и тоа држи како теоретска можност, со тоа што, пак ќе кажам, ако тоа се ограничи за одреден временски период и да се знае дека детето треба да го знае, но еден одреден временски период да го употребува, па потоа да се шета, малку да се дружи, да не го заборавиме социјалниот момент“, вели проф. д-р Аспазија Софијанова.
Освен родителите, во дел од земјите во ЕУ, борбата ја води и самиот систем. На пример, во Франција со закон е забранета употребата на мобилни телефони, таблети и други електронски уреди поврзани со интернет во основните училишта. Забраната, по свој избор, можат да ја применат и средните училишта.
Министерството за образование на соседна Грција ја забрани употребата на паметните уреди во училиштата. Забраната го опфати и објавувањето на фотографии и видеа од учениците на училишните сајтови.
Дали нашето министерство за образование размислува за вакви ограничувања. Еве го делот од одговорот на нашето прашање:
„Што се однесува до влијанието на образовниот процес, не само на мобилните телефони, туку сè друго што го попречува процесот на учење и оди на штета на квалитетот, не треба да има место во училиштата. За ова сме сигурни дека сите се заинтересирани, односно родителите, наставниците, директорите на училиштата, службите за образование на општините и сл. Сите ние треба да имаме заедничка цел, а тоа е да обезбедиме услови за квалитетно образование и избегнување на проблеми што му наштетуваат на истиот. Министерството за образование е отворено да ги прими сите иницијативи, идеи и предлози за подобрување на квалитетот на образованието, кои потекнуваат и имаат поддршка од родители, училишта и експерти од областа“.
Ако разбравте, одиме понатаму.
На саемот на наука во Белград најголемо внимание предизвика Хуан Родиља од Барселона. Тој прави оригинални играчки за деца од делови од апарати и машини што другите ги фрлаат.
„Идејата случајно ми падна на памет. Ова никогаш не беше некаков проект. Но, подоцна сфатив дека креативноста е нешто најважно што човек може да го поседува и мора да ја развива зашто општеството не ни помага многу во тоа. Ни дава многу насоки, но не и простор за креација“, вели Хуан Родиља,конструктор на играчки.
Иако неговиот штанд изгледа како стара фабрика за играчки таму имаше најмогу деца. Велат дека ниту едно дете со часови не погледнало во својот мобилен, играјќи со пронајдоците на чичко Хуан.
Но, што станува со тинејџерите и возрасните?
Социолозите не ја отфрлаат нужноста да се биде во чекор со 21 век, но апелираат дека прекумерната употреба на „паметните“ уреди е најкусиот пат до осаменост.
„Веќе имаме во Европа и во САД лекување на зависници од социјалните мрежи. Дури она што се фрапантни податоци, веќе во Кина и во Јапонија смислиле пелени за адолесценти што е фрапантно, родителот значи детето за да не изгуби време од таа игра, бидејќи таа била прво, му става пелена да врши основните потреби кои ние ги социјализираме уште од најрана возраст што значи тоа дека го враќаме во примарното детство што е фрапантно. Од друга страна, тие се отуѓуваат едни од други, значи таа емпатија што треба да се развива ја нема и сите, велам, овие негативни последици со време треба ние да ги превенираме. Треба да се врати таа социјализаторска функција на семејството, она што јас често го говорам – воспитната. Се помалку време имаат родителите за децата и затоа најлесно е дај и го мобилниот телефон, дај го уредот, дај го лаптопот , компјутерот детето само нека си игра, само нека се занимава нека се забавува,што всушност е многу лошо“, вели проф.Татјана Стојановска Иванова-социолог.
Голем број развиени земји, како Јужна Кореја, веќе имаат посебни центри во кои младите зависници од паметни уреди и од интернетот поминуваат низ едномесечна терапија за да се вратат во нормален колосек.
Во Кина едукативните центри се налик на воена касарна.
И додека едни веќе поминуваат низ програми за одвикнување, за други, во мигот безнадежни случаи, се означуваат посебни пешачки патеки за да не пропаднат во некоја дупка, да не удрат во бандера или да не се најдат под тркала.
Во поразителниот свет на статистиката, 7 од 10 деца редовно користат смарт уреди и испраќаат 90 % од вкупно испратените пораки во светот. 45 проценти од тинејџерите се жртви на сајбер-вознемирување, а 88 отсто примаат навреди на социјалните мрежи. За ова, на своите родители кажува само едно од десет деца.
Основачите, директорите и инжинерите на Мајкрософт, Епл, Фејсбук,Гугл и Мозила не им дозволуваат пристап на своите деца до нивните производи, од кои заработија милијарди, додека не наполнат 16 години.
Моторола покрена кампања производителите законски да бидат обврзани да укажуваат на штетната страна од прекумерното користење на паметните телефони како што е тоа со цигарите и алкохолот. Нивната кампања покажа дека занесени во своите мобилни, луѓето се поздравуваа и им зборуваа на кукли.
А што да се каже кога ќе и завртите грб на слика на Рембрант заради мобилен?
Да се вратиме на почетокот. Дали знаете што е Смомби? Не знаевме ниту ние се додека не почнавме да ја истражуваме темата и не дојдовме до овие загрижувачки податоци.