На прашањето за предлогот на опозицијата за преодна влада од доверба на народот, Вучиќ рече дека ќе им даде мандат штом ќе му кажат дека имаат мнозинство, односно 126 пратеници кои ќе ја поддржат
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во понеделник ќе започнат консултациите за составот на новата влада на Србија.

„Ќе видиме што ќе кажат оние кои имаат мнозинство – дали сакаат да формираат влада или дали сакаат да одат на избори. Тоа е нивна работа“,
изјави Вучиќ за Радио телевизија на Србија.
На прашањето за предлогот на опозицијата за преодна влада од доверба на народот, Вучиќ рече дека ќе им даде мандат штом ќе му кажат дека имаат мнозинство, односно 126 пратеници кои ќе ја поддржат.
„Штом ме убедат дека имаат 126 гласа, ќе им дадам мандат“,
рече Вучиќ.
Народното собрание на Србија ја потврди оставката на српската Влада на 19 март, месец и половина откако Милош Вучевиќ поднесе оставка од премиерската функција на крајот на јануари.
Со одлуката на парламентот започна рокот од 30 дена за избор на нова влада.
Дел од парламентарните опозициски партии во српскиот парламент на 20 март објавија дека постигнале консензус дека формирањето на преодна влада е неопходно за земјата да излезе од социјалната и политичката криза. Идејата е тоа да биде таканаречена влада на народна доверба која, според опозиционетите, ќе биде определена, привремена влада, која ќе трае најмногу девет месеци, со конкретни задачи.