Доколку не се најде решение за одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, кои се спорни за операторите, од понеделник на полноќ ќе прекинат со реемитување на сите домашни и странски ТВ-канали, се заканија денеска од Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори. Единствено ќе ги пренесуваат каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.
„Како општествено одговорни компании и имајќи ја предвид сериозноста на ова прашање, операторите по средбите со државниот врв се согласија да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните“,
соопшти попладнево Здружението.
Најавуваат дека заклучокот за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават надвор од правна сила одредбите со кои им се наметнува обврска да одговараат за авторските права на содржините на каналите што ги реемитуваат. Со цел корисниците на ТВ-услугите да не бидат оштетени, операторите велат дека нема да наплаќаат за ТВ-услуги за периодот додека трае прекинот.
На овие најави вчера остро реагираа од Македонската медиумска асоцијација во која членуваат петте домашни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител и Телма. Порачаа дека операторите неодговорно се закануваат со информативен мрак и не сакаат закон што ќе ја регулира нивната работа бидејќи, како што тврдат, со години работат со пиратерија.

„Оние одредби од Законот за морална, материјална и кривична одговорност како што важат за операторите така важат и за телевизиите. Зошто ние не се плашиме? Зошто не се заканиме дека ќе исклучиме програма? Некој очигледно пиратира и сака да продолжи да пиратира и ѝ се заканува на јавноста дека ако не му биде дозволено да врши криминал ќе влезе во информативен мрак. Ова е крајно непринципиелно однесување“,
изјави Атанас Кировски од Македонската медиумска асоцијација.
Операторите, пак, ги демантираа нивните обвинувања и најавија тужби.
Манчевски оптимист дека ќе се најде решение
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, сепак, очекува сите страни да седнат на заедничка маса и да најдат брзо и реално решение за проблемот. Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вели беше направен со поддршка од Европската комисија и очекува позитивни ефекти во пракса.

„Интензивно комуницираме на темата со радиодифузерите и операторите сега и пред декември 2018 година, и сме имале многубројни состаноци за да се обидеме да најдеме решение. Законот се донесе со целосен консензус во Собранието и го поддржаа сите политички партии и со договор помеѓу радидифузерите и операторите. Проблем на сите е тоа што во овие повеќе од една година никој ништо не направи за да се подобри состојбата. Сега се обидуваме да најдеме решение кое ќе значи средување на состојбата, но без да има штета на грбот на граѓаните и корисниците на услугите. Уверен сум дека такво решение постои и дека ќе го имплементираме“,
рече Манчевски.
Манчевски посочува дека законот е клучен за регулација на авторските права, кои, како што вели, со години се кршат без контрола и последици.
*Поврзани вести:
Операторите одлучија да не реемитуваат домашни и странски ТВ-канали, освен МТВ
Телевизиите до операторите: Сакате пиратерија наместо закон
Операторите најавија тужби за обвинувањата од телевизиите за пиратерија