Темата за ветото за Северна Македонија за старт на преговорите со ЕУ е дел од коалицискиот договор и партијата „Има таков народ“ (ИТН) нема да „клекне“ на тоа прашање, изјави денеска Тошко Јорданов, претседател на пратеничката група на „Има таков народ“ и заменик-лидер на партијата. ИТН, чиј лидер е Слави Трифонов, е еден од партнерите во владејачката коалиција во Бугарија.
„Ние стоиме на зборот и кога веќе сме потпишале коалициски договор сакаме тој да биде запазен. Ако се наруши, тоа за нас ќе биде основа да ја напуштиме коалицијата. Северна Македонија е дел од коалицискиот договор“,
кажа Јорданов.
Според него, бугарскиот премиер Кирил Петков си дозволува обиди да направи компромис со националниот идентитет и интерес. Тој додаде дека проблемот е во Северна Македонија, бидејќи земјата не ги исполнила условите од договорот со Бугарија.
Јорданов не гледа проблем меѓу Владата и претседателот Румен Радев, туку меѓу шефот на државата и „Продолжуваме со промената“ од една страна и БСП од друга. За зборовите на Асен Василев дека ставот на Радев против обезбедување оружје на Украина е срамен, Јорданов рече дека е добро да се размислува пред да се квалификува без да се размислува за последиците.
Според него, ако се прекрши коалицискиот договор, тоа би било причина „Има таков народ“ да излезат од владата. За теми надвор од него, пак, партнерите не треба да шпекулираат и да велат „стануваме и одиме“, рече Јорданов.
„Владата не може да започне војна со претседателот без согласност на другите политички сили“,
рече Јорданов.