Германскиот министер за здравство порачува дека вакцинираните ќе заштедат на тестирање и во основа не мора да одат во карантин и потенцира дека летово сите имаат можност да се вакцинираат зашто има доволно вакцини
Патниците кои од недела (1 август) ќе сакаат да влезат во Германија ќе треба да покажат негативен тест за коронавирусот доколку немаат потврда дека се вакцинирани или дека прележале ковид-19.
Оваа мерка се однесува за сите патници постари од 12 години, а германските власти ја воведуваат во период кога земјата се соочува со зголемување на бројот на новозаразените.
Во моментов, се бара негативен тест само за патниците кои доаѓаат со авион, а мерката сега се проширува на сите без разлика дали влегуваат во Германија со авион, воз, автомобил …
Потврдите кои патниците треба да ги имаат при влез во Германија, пишува „Дојче веле“, ќе бидат проверувани по принцип на случаен избор, не се предвидени општи контроли директно на границите.
Заднината на ваквата одлука е и во надежта дека што повеќе луѓе ќе вакцинираат. Министерот за здравство, Јенс Шпан, во тој контекст порачува дека вакцинираните ќе заштедат на тестирање и во основа не мора да одат во карантин и потенцира дека летово сите имаат можност да се вакцинираат зашто има доволно вакцини.