Од наредната недела значително ќе се забрза процесот на вакцинација на територијата на целата држава, најавија здравствените власти откако денеска пристигна пратка со 500 000 вакцини од кинескиот производител „Синовак“.
„Благодарност до кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо и на пријателската Кина, со чијашто помош успеавме да ги обезбедиме овие вакцини и денеска да ги добиеме во нашата држава“,
порача министерот Венко Филипче.
Вакцините се складирани во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина по што ќе бидат дистрибуирани до пунктовите низ државата согласно закажаните термини за вакцинација.
Министерството за здравство најави до 15 јули ќе бидат вакцинирани околу 462 211 граѓани пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk.
Министерот Филипче на својот профил на Фејсбук порача и дека вакцината „Синовак“ е одобрена од страна на Светската здравствена организација на 1 јуни што е сигнал до националните регулатори дека е безбедна за употреба.